Македонските пензионери се навистина ненаситни. Откако Владата им обезбеди бесплатни бањи, автобуси, ски-карти, тие бараат уште поволности за без трошоци да си ги обавуваат нивните хобија. Преку пензионерските лоби-групи сега бараат и бесплатно скијање на вода.
– Зимските месеци ќе поминат за час. Дур да трепнеш, ете го летото. И што да правиме ние цело лето? Да се досадуваме? Апелираме до Владата да не чека да дојдат летните месеци и да го решава овој наш проблем. Редовно одам во Охрид и можам да кажам дека само за едно скијање на глисер морам да платам 500 денари. Со пензија од 15.000 денари, кажете ми вие како да си приуштам две до три скијања дневно. А докторот не ме прашува колкава ми е пензијата. Тој вели за реумата мора да скијаш барем неколку пати дневно, па ти снајди се – револтирано зборува еден пензионер од Кратово за „Коза ностра“.
Здруженијата на пензионерите планираат да ги искористат априлските избори за да ја условат поддршката на актуелната владејачка гарнитура со неколку нови барања. Покрај веќе споменатото скијање на вода, тие ќе побараат бесплатно скокање со падобран, параглајдер за секој пензионер, монтбајк патеки на секоја планина, банџи во дворот на секој пензионерски дом и последно, но не и најмалку важно – скијачка скокалница во општина Карпош каде што концентрацијата на пензионери е најголема. Владата засега не е подготвена да одговори позитивно на овие барања, но оттаму велат дека се расположени да преговараат со лидер на пензионерите што самите ќе го изберат.