Владата го сака Александар Македонски, но само за да испере пари преку него!

by Фокус 11:00
11:00

Во држава каква што сега е Македонија, во која најголемиот огласувач е токму владата, а газдите на поголемите телевизии се во владината коалиција – надземна или подземна, сеедно, тогаш сите патишта „цензорски“ водат кон еден единствен центар на моќ – Владата. Во владата, пак, еден е Груевски.

Текстов е објавен на трети октомври 2008-та година, во неделникот „Фокус“ број 692.

Пишувала:
Јадранка КОСТОВА

- Advertising -

Иако за многу „пиздарии“ од нашата транзиција авторското право им припаѓа на бранковци, сепак владините медиумски кампањи беа 100 отстотен изум на вмро-овците. Не дека сдсмовци не арчеа без усул. Едноставно тие до 1998-та и немаа што да рекламираат. Немаа реформи, а кршење на ембаргото, шверцот, октоподот и арамиската приватизација не беа „производи“ што треба да се наметнат на поширокото граѓанство како брендови. Тие впрочем беа обмислени само за тесни, добро избрани кругови. Сиромаштијата, пак, и не е погодна за да може онака наџиџано медиумски да и’ се шитне на рајата како големо достигнување.

Маркетингшките кампањи со буџетски пари во Македонија стартуваа после Промените во 1998 година. Нивен „татко“ неспорно е Никола Груевски. Историјата барем тоа нема да може да му избрише како факт. Старуваше како министер за трговија со онаа симпатична пропаганда „Купувајте македонски прозводи“, со прекрасно спакуваниот телевизиски спот на режисерот Милчо Манчевски. Според некои истражувања, 80 отсто од граѓаните тогаш ја имаа прифатено како позитивна оваа акција. Имаше и сондажи кои покажаа дека прозводите со „сонценце“ навистина станаа ин. Овој проект значи беше како-така проследен со некаква анализа за ефектите, иако останавме посиромашни за податокот: колку кошташе целото задоволство.

ДО КОГА ГРУЕВСКИ НАЦИОНАЛНО ЌЕ НЀ ОСВЕСТУВА?

И така се започна. Груевски го смени ресорот замина во финансии, а со себе си го зеде и продолжи да го тера проектот, со нови и уште понови спотови. Потоа следуваше канонада од разни други владини медиумски кампањи. Се промовираше акционерството, плаќањето даноци, пица буџетот, па „каса фискале“, море штедењето вода и што уште не! Вообичаено, чуварот на државната каса никогаш не беше расположен да положи сметка за цената и повратните ефекти на сите овие рекламни заебанции. Медиумите кои ќе се дрзнеа да се посомневаат во оправданоста на ваквата кампањска еуфорија со народните пари, без многу дискусија биваа избришани од медија плановите, ама и сосема екскомуницирани и за најкуртоазна професионална комуникација. Да биде иронијата поголема, дечките од Бихачка кои тогаш остро го критикуваа овој рекламерски стил на министерување, потоа кога „ја зедоа судбината во свои раце“ продолжија каде што Груевски застана. Со истите нејасни правила на играта. Но сето ова делува веќе дури и наивно откако Груевски во 2006-та се врати во владата. И тоа овој пат како премиер.

И настана агресивна медиумска пропаганда. Тоа стана заштитен знак на груевци. Просто нѐ шашардисаа. Да ти е страв да вклучиш ТВ од каде „обавезателно“ ве заплиснуваат успесите и остварувањата на владата. Многу често, а веќе и крајно нетелевизично, во ударните термини пред вестите се читаат соопштенија, делови од владини одлуки или прописи, претворајќи ги телевизиите и весниците во огласна табла на владата и своевиден Службен весник. А тоа трае ли трае. Ме потсетува ова на некогашните филмски журнали за успесите на Тито и Партијата што обавезно се емитуваа во секое кино пред филмот за кој сте платиле карта. Ова се повеќе личи на топ-шоп влада, а Боцевски како гласноговорник му доаѓаше нешто како џирло девојка. Маркетинг кампањите плус разните огласи по дневните весници се секојдневна „финансиска конекција“ на релацијата: Буџет- морално политички подобни медиуми. А омрсуваат добро и избрани маркетинг агенции.

Во држава како Македонија безмалку со по една ТВ станица по глава на жител, човек и не е во можност да ги проследи сите. Па, така некој владин успех може едноставно ќе ви „омакне“. Ама благодарение на ТВ Алфа пред извесно време од нивните вести осознав за еден малку експлоатиран спот за Александар Македонски ( види рамка). Според нивните истражувања овој скап спот, што го проценија дека чинел околу 50.000 евра, бил емитуван само два дена. И што беше циркусот? Од владата најпрвин им демантирале дека е тоа владин спот. Потоа откако овие го пронашле на своја рака, а таму убаво си стои „Влада на Република Македонија“ конечно добиле признание од Боцевски дека спотот е владин но дека не е повлечен, туку било планирано да се емитува само неколку дена во финишот на кампањата „Ти си Македонија“. Вообичаено, новинарот на Алфа ТВ не добил одговор колку чинело снимањето на спотот. Но, оптимистички, а и согласно законот нели се обратил и до генералниот секретаријат на Владата за цената. Од таму му побарале на писмено да ја срочат. Го сториле тоа, И сега демек чекале на одговор. Ма, ќе го добијат некогаш … А можеби ни тогаш.

И таман помисливме дека со помош на „Ти си Македонија“ се освестивме национално, кога пред неколку дена низ дневниот печат осамна нов оглас за избор на агенција која ќе осмислува и реализира нова владина кампања. И оваа ќе била за зголемување на националната свест. Е за инает на ‘Ти си Македонија’ новава ќе се викала Македонија пред сѐ ( види рамка). Ја ли претходната недоволно нѐ свестила, ја ли нејзиниот капацитет бил да не свести само до одредено ниво, па сега треба да ни вбризгаат дополнителни појаки дози?! Па да прашаме: до кога мисли Груевски национално да нѐ освествува?! Со каков нациометар измери дека граѓанството му е нацинално запуштено во свеста? А токму тоа национално неосвестено „пучанство“ го избра него за водач?! И што кога сосема ќе се освести?!

СОВРЕМЕН МОДЕН ТРЕНД БИЛО ДА СЕ ПРИКРИВА ЦЕНАТА

Нејсе, додека не се освестиме национално колку што треба, ќе мора да го издржиме нападот на сите наши сетила и во наредниот период. Така, пак, една во принцип убава идеја за популаризирање на некои државни проекти, може да се упропасти. Затоа што прекумерната И агресивна кампања секогаш ја носи опасноста да им збоктиса на конзументите. Тенка е линијата кога пропагандата станува антипропаганда. Но, со оглед на тоа што овој стил на Груевски се повеќе се захуктува и мултиплицира, а нема сила што може да го контролира ова расипништво, останува да ги набележиме неколкуте поенти од досега виденото што остава голем сомнеж за целата смисла на ваквите маркетиншки проекти.

Прво, со невидена упорност се тајат пресметките за оваа намена, небаре станува збор за врвна државна тајна. Второ, во недостаток на официјални и прецизни показатели се шпекулира со огромни суми за маркетингот на владата што добрите познавачи на оваа материја го дијагностицираат како начин за перење пари и тоа на центрифуга. Трето, селективниот начин за избор на медиумите во кои се огласуваат владините проекти, без некаков логичен пазарен критериум, дава краен ефект- се наградуваат обожавателите на ликот и делото на водачот, а се казнуваат критичарите. Со други зборови, Груевски само го воскресна некогашниот начин на субвенционирање на весниците.

Да одиме по ред. Најпрвин за неверојатната упорност да се сокријат деталите за цената на ваквиот пи-ар на владата. Се изредија десетици вакви маркетинг проекти, „Македонија без корупција“, „Инвестирајте во Македонија“, „Ти си Македонија“ итн, но прашањата за потрошените народни пари очигледно груевци ги третираат како непристојни, па изостанува прецизни одговори. А инаку знаат да паметат бројки. Ќе ви изрецитираат колку рипнал Џи-Ди-Пи-то, колку инвестиции влегле – по правило се брои се што може, колку места сме скокнале угоре на некоја ранг листа ама за цените на маркетиншките кампањи не можете вие толку да прашувате колку што тие можат најбезобразно да ве игнорираат и бојкотираат. Вие како пристоен и воспитан граѓанин дури ќе се засрамите да не бидете здодевни, но не и тие. Фали уште да им пукне филм, па некој да ви се опули со мудрата штерјова реплика: шо ве боли к.р за парите?

И така останува или да глумите болен мајмун, па да поставувате писмено прашања за кој нема да добиете никаков или барем квалитетен одговор, или едноставно да терате според некакви други проценки.

Дека не говорам напамет, ќе се послужам со еден вистински бисер кој го отсликува стилот за мафтосување на јавноста. Пред неполна година на написот во Утрински весник „Владата за кампањи троши 15 милиони евра“, следуваше реакција од владиниот сектор за односи со јавноста. Мислите дека наведоа која е сумата?! Не! Но не просветлија со епохалното откритие дека средствата за владините кампањи „се предвидени во Буџетот и воопшто не кореспондираат со тенденциозните и лажни астрономски суми изнесени во текстот“. Наспроти лажните астрономски не ги наведоа вистинските скромни суми. Сепак, не пропуштија да финишираат со тезата „овие напори и активности Владата ги следи најновите трендови на модерното владеење и на современите владини комуникации за активно информирање на граѓанството“. И после ова останува да се засрамите што не сте занеле дека најнов тренд во модерното владеење било да не даваш отчет за потрошените народни пари. И така апсолутно модернистички не ја наведоа сумата, ама „15-те милиони“ Секторот ги отфрли „како груб обид за манипулација со јавноста“. И не сал тоа, туку, внимавајте: „и удар врз институциите на системот“. Да се наежиш. Тоа што драгиот Сектор не ја кажа скромната сума секако не е манипулација со јавноста, туку приврзаност кон модните трендови.

НАГРАДА ЗА ПОСЛУШНИТЕ

Но не се сал новинарите во ваква позиција. И пратеничките прашања со слична содржина остануваат неодговорени (види рамка). Исклучок е сепак министерот за финансии, Трајко Славевски. Две кампањи што во текот на 2007-та ги „буткаше“ ова министерство тежеле нешто помалку од 600 илјади евра. Но, таа година некој изброја дури 15-тина владини кампањи, за кои некои невладини организации тврдеа дека се потрошени околу 17, а опозицијата шпекулираше со 15 милиони евра. Неофицијално за „Македонија без корупција“ со рекламен материјал, спотови, билборди, флаери биле потрошени 250.000 евра, а за емитување уште 500.000 евра што дава дури 750.000 евра само за еден проект. После бројните прозивки конечно, кон крајот на минатата година премиерот наведе дека секоја владина кампања чинела околу 400 илјади евра, но со се трошоците за рекламните спотови ама и за објава по медиумите.

Во секој случај, потоа некој искамчи информација дека за оваа година 2008, се предвидуваа околу 8,5 милиони евра за вакви намени, но немаше детали за колку и какви кампањи ќе одат. Деновиве, пак, од невладиниот сектор близок до опозицијата излегоа со нивниот неофицијален есап – дека за овие двеипол години за огласи и реклами низ медиумите биле потрошени меѓу 70 и 100 милиони евра. Што е фантастична сума. Но дури и да е вистинска онаа „скромната“ од 8 до 10 милиони евра годишно, повторно владата останува без конкуренција најголемиот огласувач во земјата. Тоа пак ја става во ситуација да биде добротвор за низа медиуми кои не се снашле најдобар на пазарот. Од милоста на владата зависи и нивниот опстанок.

И тука доаѓаме до чудните критериуми според кои се распределуваат ваквите спотови низ медиумите. Тешко дека ќе најдете некакво вреднување според гледаност или читаност, според влијателност или релевантност. Напротив, дефинитивно одлучувачки момент е дали медиумот е подржувач на политиките на Груевски. Оние кои ја глорификуваат владата, ликот и делата на премиерот, добиваат „шаком и капом“. За благите критичари следува по некоја „цркавица“ додека жестоките критичари се на црната листа. И така благодарение на најголемиот огласувач добиваме нерегуларен медиумски Пазар на кој се  фаворизираат послушните и лојалните медиуми. На ваков начин Груевски ги врати во промет некогашните субвенции за послушните медиуми ама сега во модерна форма ѓоамити маркетинг. Тики можеби, што би рекле од драгиот Сектор за односи со јавноста, така е тоа во „модерните трендови на современото владеење“. Јас пак модно заостаната мислев дека тоа е имиџ за Извршните совети на Социјалистичка Република Македонија.

Да не заборавиме дека уште едно буре без дно се и огласите на владата, министерствата и државните агенции за тендери, за вработувања, или разни други информации низ дневните весници. За оваа „направија“ уште во времето на Бучковски ја регистрирав праксата кога некој од огласувачите ќе се најде на тапет во весникот, потоа бива изземен од листата. Така, пак, весникот губи убава паричка. Тогаш колегите од Време наведоа пример кога ЕСМ дури објавил „тендер за тендери“, односно весниците доставиле понуди со цени за огласниот простор. На јавното отворање „Време“ имало најповолна понуда, но потоа тендерот бил поништен, со одлука ваквите огласи да одат преку „Службен весник“. Денес врие низ дневниот печат од вакви огласи.

Но во сите изминати десет години откако Груевски ги воведе ваквите маркетиншки проекти, постојано служеле за истата цел. За држење во покорност на медиумите. Нели, ги имаме безброј, сите се така на „ивица и марица“ за преживување, а таквите најлесно може да ги држиш на узда со парата која можеш да им ја фрлиш. Уште во декември 2006, значи само после неколку месеци од владеењето, Шпиц преку Героски се побуни за циркузијадата на Груевски во поделбата на маркетиншкиот колач. Според неговата пресметка за 10 дена од владиното чекмеџе на ВАЦ изданијата ( Дневник, Утрински весник и Вест) биле дадени 23.060 евра, на Шпиц и Време 14.615 евра, додека Вечер добил 6.770 евра. Што беше тука спорно? Тиражите беа сосема поинакви. Според Геровски весниците на Велија предничеа, потоа доаѓаше тројката на ВАЦ, а на опашката беше весникот на Бојо Андревски, патем коалиционен партнер на ДПМНЕ. Иако најави дека се откажуваат од владини реклами заради волунтаристичката распределба на народните пари за огласување, чија цел е да се поткрепат „наклонетите и пријателски весници“ сепак подоцна Шпиц и Време се пишманија. Во тоа меѓувреме Велија стана пријател на Груевски. Газда Велија, пак, наместо од владините пари се откажа неодамна од уреднички услуги на Геровски.

Инаку во истиот шпицест дух се побунија и колегите од весниците на албански јазик „Лајм“ и Факти, како и Утрински во кој владата давала само мали огласи и конкурси, но не и големите кампањи.

ЕДУЦИРАЛЕ НЕ СЕ РЕКЛАМИРАЛЕ

Неспорно дека на некои од ‘горенаведените’ не пискаа кога владата на СДСМ се однесуваше на истиот начин, само со помалку пари, и само што тогаш тие беа меѓу омилените медиуми за ваквите рекламерства. Но тоа говори за нив и нивните двојни аршини ама не ја менува суштината на актуелната состојба. Фокус уште во далечната 2001-ва ја осети „пазарната“ логика на Груевски. При првата критика за „пица- буџетот“ секнаа сите комуникации. Во времето на СДСМ ич муабет да не правиме. Така е и денес. Додека бевме умерени во критиката, шараа со некоја цркавица. При првиот текст за ваквите чудни тендери за владините кампањи индиректно стигна пораката „ништо од бизнисот, чичко“!

И сега, гледам дека најчестиот коментар во вакви прилики е: зарем тие ќе плукаат, а ние да им даваме пари? Небаре од џеб ги бројат. Боже господе, па поентата е во тоа што разговараме за средства од буџетот. Тоа се пари од граѓаните, од сите нас. Ваквата филозофија е еднакво небулозна како да решите да не ги плаќате давачките кон државата затоа што не сте гласале за оваа коалиција, или ете не ви се допаѓа составот, или не дај Боже премиерот. Можеби звучи демоде, ама за арчот на народните пари, секој граѓанин има право да знае како се трошат.

Во една пригода џирло дечкото Боцевски проповедаше како изборот на гласилата се вршел според критериумот- постигнување на максимален ефект – да допре пораката до граѓаните. Одлучно демантираше дека со овие средства се рекламира владата туку ни отвори очи дека целта била исклучиво да се едуцираат граѓаните. Согласно ваквата приказна излегува дека гледачите на одредени ТВ и читателите на одредени весници топ-шоп владата проценила дека се доволно едуцирани, и затоа ним не им дава дополнителна доза. Оние пак на кои не штеди всушност имаат проблем со неедуцирана клиентела, па ете груевци одвојуваат од уста за да ги едуцираат. Се на се, критичарите се едуцирани а „пушачите“ се заостанати во едукативниот процес. Така, оние што се со повисока национална свест, гарант нема да добијат дел од колачот на најновата кампања „Македонија пред се“. А и Алфа ТВ после прилозите со спотот за Александар веќе делува како освестена, со едуцирани гледачи, па тешко дека ќе се најде во владините медија планови.

И крајниот ефект на ваквата „едукација“ е смрт за слободата на информирањето. Всушност Груевски му доаѓа како главен цензор за медиумите. Мислите дека е претерано? Еве, школски земено: слободата на информирањето главно се загрозува од три центри на моќ: власта, сопствениците на медиумите и од огласувачите. Во држава каква што сега е Македонија, во која најголемиот огласувач е токму владата на Груевски, и кога газдите на поголемите телевизии се во владината коалиција надземна или подземна, сеедно, тогаш сите патишта водат кон еден единствен центар на моќ- Владата. Во владата, пак, еден е Груевски.

Кругот е затворен. Ама според некои информации ваквата цензорска улога на владата ќе биде регистрирана во некој иден извештај од ЕУ. Таму сметаат дека овој синдром е својствен за неразвиени демократии. Веројатно ни Брисел не ги следи модерните трендови кои нашата влада ги има во мал прст. Добро е да се потсетиме дека за прв пат во 2005-та и официјален Вашингтон во својот извештај констатираше економскиот притисок  врз медиумите и индиректната цензура, токму преку уцена со огласите, ама и попречување на пристапот до информациите, и секако судските процеси против новинари.

Патем, груевци секогаш нагласуваат дека се е „согласно Буџетот“, дека се е по процедура – има тендер, одлучува комисија, па второстепена по жалба. Но, зарем тоа е гаранција за чесност и законитост?! Та, деновиве нели од ресорот на Јанкуловска поднесоа 12 кривични пријави за тендерот за воените кантини од времето на СДСМ. Сите членови на комисиите се најдоа во МВР билтенот. Сакам да кажам дека тркалото се врти. Патем дефинитивно најхорор платен оглас ( не верувам дека приватните ТВ за џабе давале време за ова)  што излегоа во етерот во годинава што изминува, дефинитивно е она полициско соопштение со кое „модернистички“ го едуцираа граѓанството со деталите од кривичната пријава против лицето З.З.- градоначалник на Струмица, нели. Ма, можеби е ова современ тренд ама како да е инспириран од модната сезона „есен-зима 1948“. Сепак, сакам да верувам дека ваква моронштина, па макар за едуцирање, веќе нема да слушаме од груевци. Уште помалку дека некоја друга власт што ќе дојде после оваа, нема да се изживува врз сега актуелните властодршци со вакви монструозни огласи, во сеирџиски дух „и вие така правевте“.

„Ти си Македонија“
ЗОШТО АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ НЕ ОДЕЛ НА РЕФЕРЕНДУМ?

Во рамките на кампањата „Ти си Македонија“ беше снимен и спот во кој главниот јунак е Александар Македонски. Проценката беше дека коштал околу 50.000 евра, а трае околу 2 ипол минути. Дејствието демек се случува временски во 331 година п.н.е. Просторно, пак, се одигрува во Гавгамела. Сцената е следна: влетува еден војник и го известува Александар дека непријателот доаѓа, дека е помногуброен, пет пати повеќе од војската на Александар. „Можат да нѐ победат“ – дефетистички ќе прокоментира гласникот со нагласката на „мали ни се шансите“. И тогаш нараторот се уфрла: „Ќе беше ли Александар најголем војсководец на сите времиња ако веднаш потклекнуваше пред предизвиците“. И нормално Александар ќе му скреса на малодушниот војник: „Тргнав да го обединувам светот, а не да ги учам неодлучните“. Ама и со олеснување ќе заклучи: „Добро е што таквите како тебе се малку“. Нормално следува воскликот, со дигната тупаница: „Одиме во победа“.

Што сакал авторот да каже? Со моите скромни капацитети, ем демоде афинитети, паралелата веднаш е дека Груевски во денешницава е во улогата на Александар. Нему му велат дека не можеме против целиот свет ама Грујо не потклекнува пред предизвиците. Добро е што и тие што се за компромис со Грците се малку. Само едно не ми е јасно. Александар Македонски за разлика од него не ја дал тогаш идејата за повлекување пред непријателот на референдум.

Нов тендер: „Македонија пред сѐ“
НОВА ДОЗА НА НАЦИОНАЛЕН АДРЕНАЛИН

Владата или не е задоволна од тоа колку ни е крената националната свест со „Ти си Македонија“, или смета дека тоа било супер изведено но свеста ќе ни клапне доколку нема нови дози на ваквот „адреналин“, па еве деновиве објави уште еден оглас за осмислување и реализација на кампања за зголемување на националната свест. Оваа ќе се води под слоганот „Македонија пред сѐ“. Критериумот за тоа е дека квалитетот носи 65 поени, а цената само 35. А за квалитетот знаете како оди. Она што за еден е кич, за други е врвна уметност. Важно дека за ваквата „направија“ не се штеди. Цената е на второ место. Иако на почетокот од премиерувањето пред две години Груевски најави дека за тендерите на неговата влада ќе биде пресудна цената, која ќе носи 80, а понекогаш и 100 поени, како минуваше времето така бодовите за цената опаѓаа. Стигнуваа едно време до 50 бода ама еве сега за националното освестување спаднаа на бедните 35 поени. До крајот на мандатот, ако оди во овој моден тренд, цената дури нема ни да се вреднува. Ама затоа беше одлучувачки фактор баш на тендерот за лековите. Квалитетот тука беше секундарен елемент. Така е тоа, квалитетна влада игра прифаќа само квалитетни понуди за квалитетни проекти.

П.С. Бесплатна информација: Понудите за „Македонија пред сѐ“ треба да се достават до владата најдоцна до 14 ноември. Жалам ама нема информации колкава е вредноста на проектот. Ама нема да згрешите ако удрите на квалитет.

Трендсетери
И ПРАТЕНИЧКИТЕ ПРАШАЊА НЕ ЗАСЛУЖУВААТ ОДГОВОР

Изминатава година пратениците од опозиционата СДСМ поставија повеќе пратенички прашања за владините кампањи. Сите беа формулирано главно по истиот шаблон. Се бараа податоци од Владата за цената на чинење на одредена кампања, од која ставка на буџетот се парите, која компанија победила на тендерот, бараа преглед на број на емитувања во медиумите. Под ваква лупа се најдоа „Живеј во е-Македонија“, „Безготовинско плаќање“, „За заедничко добро“, „Остваруваме“, „Рамни даноци“ и кампањата „100 дена Влада“. Уште едно плус, би рекле општо, од Бучковски срочено како: Колку чинат услугите на пиар-агенциите и дали е точно дека нивната цена на годишно ниво се движи меѓу два до три милиони евра.

Е сите овие прашања на пратениците Бендевска, Макрадули, Кондарко и Николов од СДСМ на собранискиот сајт сите се сместени во графата „неодговорени прашања“. Зачудува ваквата неажурност или можеби е намера, затоа што сепак единствениот министер кој покажал респект кон институцијата пратеничко прашање бил Трајко Славевски. Кампањата за рамниот данок , фискализацијата, и неисплативоста на даночните затајувања чинела 24.108.000,00 денари или околу 400 илјади евра, додека за безготовинското плаќање двојно помалку или 11.093.580,00 денари. Обете се реализирани од расходната ставка „други тековни расходи“. Останатите прашања влегуваат во графата „не заслужуваат одговор“. Согласно, нели, современите модни трендови!

Поврзани новости