Пендаровски: Само со љубов и храброст какви што ги гледаме во ликот на Божјата мајка, може да чекориме низ животот

by Fokus

„Овој голем празник исто така ни покажува и дека секое искушение треба да го понесеме заеднички и поединечно во смирение. Честитајќи го празникот Успение на Пресвета Богородица посакувам да се потсетиме дека само со љубов и храброст какви што ги гледаме во ликот на Божјата мајка, може да чекориме низ животот.  За многу години празникот“, изјави претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.

Тој ова го напиша во честитката до Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустиниана Прима Г.Г.Стефан и до сите верници од православна вероисповед во Македонија.

„Дозволете ми Вам лично, на членовите на Светиот архиерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да ви го честитам големиот христијански празник, Успение на Пресвета Богородица. Чествувајќи го еден од најблагородните и највозвишените празници, Успение на Пресвета Богородица, преку кој се испраќаат суштински пораки од искона па сѐ до нашето совремие, важно е да се потсетиме дека Пресвета Богородица, Божјата мајка е парадигма за сето она по кое што безмерно трага современиот човек: сострадалност, грижа, храброст, стоичност, емпатија, љубов“, стои во честитката од Пендаровски.

 

Поврзани новости