Четири лица загинале, а 88 се повредени во тешка железничка несреќа во египетската покраина Гиза, откако неколку вагони од патнички воз излетале од шините и се превртеле, соопшти Министерството за здравство.
Несреќата се случила во близина на селото Герза, во областа Ал-Ајат, на железничката линија што ги поврзува Каиро и Асуан. Во спасувачката интервенција биле вклучени 72 возила на итната медицинска помош.
Министерот за здравство Калед Абдел Гафар наредил здравствените установи во покраината Гиза и соседната покраина Бени Суеф да го зголемат нивото на подготвеност и да обезбедат итна медицинска помош за повредените.
Според соопштението на Египетските национални железници, возот број 134, кој сообраќал од Гиза кон Фајум, удрил во задниот дел на возот број 2010, на линијата Каиро – Асуан. Судирот се случил меѓу железничките станици Кафр Амар и Ал-Рика, по што неколку вагони излетале од шините.
Министерството соопшти дека ја следи здравствената состојба на повредените и изрази сочувство на семејствата на загинатите.