Централнодесничарската Народна партија (ПП) на Алберто Нуњез Феихо ќе освои најмногу пратенички места и заедно со крајнодесничарската партија Вокс би можела да обезбеди апсолутно мнозинство во парламентот, покажуваат резултатите од излезните анкети од денешните предвремени парламентарни избори во Шпанија.
Според податоците што ги објави шпанскиот јавен радиодифузен сервис РТВЕ, ПП би освоила 32,2 отсто од гласовите, што би ѝ донело од 129 до 134 пратенички места, плус два мандата од нејзиниот сојузник УПН, додека Вокс би освоила 16,2 отсто од гласовите, односно од 44 до 48 пратенички места.
Заедно, десничарскиот блок би имал меѓу 175 и 184 пратеници, со можност да го надмине прагот од 176 места потребни за апсолутно мнозинство во Конгресот на пратениците.
Според проценките од анкетата, математички е малку веројатно десничарскиот блок да остане под прагот за апсолутно мнозинство.
Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на премиерот Педро Санчез е втора со 28,8 отсто од гласовите, што е за три процентни поени помалку во споредба со изборите во 2023 година. Социјалистите би освоиле меѓу 119 и 124 пратенички места, резултат близок до 121 мандат што го освоија на претходните избори.
Растот на десничарскиот блок, кој би освоил речиси 49 отсто од гласовите, би ги спречил социјалистите повторно да обезбедат поддршка од другите партии за формирање влада и реизбор на Санчез за премиер.
Доколку кон ПСОЕ се додадат и останатите политички формации, со исклучок на каталонската партија Јунтс, блокот предводен од социјалистите би имал меѓу 159 и 169 пратеници, што не е доволно за мнозинство.
Право на глас на изборите во Шпанија имаа 38,7 милиони граѓани. Се гласаше за 350 пратенички места во Конгресот на пратениците (долниот дом на парламентот), како и за 208 од вкупно 266 членови на Сенатот.
Преговорите за формирање владејачка коалиција немаат утврден рок, но доколку во рок од два месеца од првото гласање за избор на премиер не биде избран кандидат, ќе треба да се распишат нови избори.