Тројца се лишени од слобода, поднесени се две кривични пријави и составени се десет прекршочни записници, соопшти МВР по вчерашното одбележување на Денот на албанското знаме.
Полицијата евидентирала 13 нарушувања на јавниот ред и мир на подрачјата што ги покриваат секторите за внатрешни работи во Скопје, Тетово, Охрид и Куманово.
Најмногу нарушувања се регистрирани во Скопје, каде што полицијата евидентирала седум случаи на Бит Пазар и во Ѓорче Петров. За четири лица се составени вкупно седум прекршочни записници.
Три се однесуваат на отстранување, кинење или оштетување државни симболи и симболи на заедниците, еден на недолично однесување, а три на сообраќајни прекршоци.
Скопската полиција лишила од слобода двајца. Против малолетник е поднесена кривична пријава за безобѕирно управување со моторно возило.
Тетовската полиција евидентирала два случаи во кои малолетници користеле пиротехнички средства на градскиот плоштад.
Регистриран е и случај на поставување албанско знаме на полициско возило. Полицијата сè уште ги документира настаните, по што ќе ги поднесе соодветните пријави.
Во основно училиште во Струга биле истакнати албански знамиња без македонското државно знаме. Од МВР најавија прекршочна постапка против одговорното лице во училиштето.
Во Кичево полицијата составила прекршочен записник откако на градскиот плоштад биле поставени неколку знамиња на Република Албанија.
За време на автомобилско дефиле низ центарот на Куманово, полицајци забележале две лица. Едното побегнало, а другото било задржано.
При прегледот кај задржаното лице биле пронајдени пиштол „Црвена застава“ и рамка со пет куршуми. Полицијата го лишила од слобода поради сомнение за недозволено поседување оружје.