Грчките власти се соочуваат со силен мигрантски бран на островот Крит, каде што во изминатите 48 часа биле спасени околу 1.000 луѓе, а стотици други пристигнале со чамци од либискиот брег. Грчкиот министер за миграција Танос Плеврис оцени дека ова е најтешкиот период годинава кога станува збор за пристигнувањето на мигранти.
Само денеска биле спасени 190 лица од три чамци, кои во близина на Крит ги забележале дронови на европската гранична агенција Фронтекс. Мигрантите биле пренесени во пристаништата Калој Лименес и Иерапетра. Во меѓувреме, на островот веќе има околу 2.500 мигранти, што ги надминало локалните сместувачки капацитети.
Стотици луѓе биле пренесени со автобуси до пристаништето Ираклион, каде што дел од нив останале на отворено поради исполнетоста на привремениот прифатен центар. Грчките власти најавија дека следната недела ќе испратат брод за редовно префрлање на мигрантите во прифатните центри на копното.
Во последните години се зголемува бројот на мигранти кои пристигнуваат од Либија, меѓу нив најмногу државјани на Бангладеш и лица кои бегаат од судирите во Судан. На карпестиот брег на блискиот остров Гавдос вчера биле пронајдени и телата на двајца мигранти.
Грција годинава ги засили враќањата на лицата чии барања за азил се одбиени, а заедно со уште четири членки на Европската Унија планира од следната година дел од нив да ги испраќа во депортациски центар во Руанда.