Парламентарни избори во Грција – втори за еден месец

by fokus
Foto: AP

Нешто помалку од десет милиони Грци, потично 9.813.595 граѓани денеска гласаат на парламентарните избори во Грција, втори за еден месец откако по изборите на 21 мај, поради пропорционалниот модел и укинувањето на бонусот пратеници за победникот, ниту една од партиите не успеа да формира Влада.

Гласањето е од седум часот утрово до 19 часот по локално време, а е задолжително за сите граѓани со право на глас, со исклучок на оние кои не се во земјата или се на возраст од над 70 години.

На изборите учествуваат 26 партии, четири коалиции и два самостојни и независни кандидат.

Традиционално веднаш по затворањето на гласачките места, медиумите во соработка со агенциите за рејтинг ќе објават предвидување на изборниот резултат, односно т.н exit polls, кои доста често го најавуваат победникот.

Првите официјални резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција, кое е и надлежно за пребројувањето на гласовите, се очекува да бидат соопштени околу 20.30 часот по локално време.

На 21 мај годинава, Нова демократија победи со освоени 40,79 отсто од гласовите, СИРИЗА беше втора со 20,07 проценти, ПАСОК освои 11,46 отсто, а во Парламентот место обезбедија пет партии кои го достигнаа неопходниот изборен праг од три отсто за влез.

Излезноста минатиот месец беше 61,1 отсто наспроти 57,78 проценти на парламентарните избори пред четири година.

Истражувањата на јавното мислење во Грција во изминатиот период прогнозираат убедлива победа на Нова демократија и веројатно повторување на изборниот резултат од минатиот месец, а во комбинација од предвидениот бонус пратеници за победникот би резултирало со формирање еднопартиска Влада на Нова демократија.

Она што останува нејасно е бројот на партии што би обезбедиле влез во Парламентот, со оглед на тоа што според последните анкети, можно е потребниот изборен праг од три отсто да го поминат и две нови партии: Курс на слободата на поранешната претседателка на Парламентот од редовите на СИРИЗА Зои Константопулу и десничарската Победа од Солун.

Грчкиот Устав предвидува веднаш по изборите претседателот на државата на лидерот на партијата победник да му го додели мандатот за формирање Влада, а во конкретниот случај доколку се потврдат прогнозите, Мицотакис веројатно веднаш би формирал еднопартиска Влада.

Поврзани новости