Панаѓур на суетите

by fokus

Синоќа под прекривката на ноќта се пазареше законот за јавно обвинителство на панаѓур, невиден скоро и на овие матни панаѓурски простори. Секој панаѓурец, на кој единствената допирна точка со правото му е простеното, испазарено обвинение со политикантска амнестија го черечеше законот за јавно обвинителство, креирајќи го според свое наоѓање органот кој до вчера го гонел

Звонко ДАВИДОВИЌ

Суета, по дефиниција, претставува лажна слика за својата величина, односно нарцисоидно доживување на самиот себе како битен член во општеството, кој е над другите по општествената положба. Етимолошки, зборот суета настанал од рускиот збор суета, кој означува славољубие, односно потреба за докажување на сопствената повисока вредност.
Панаѓур или саем е облик на народен собир, со една основна цел во минатото, селаните да ги купат неопходните работи во време додека не постоеле продавници во денешна смисла на зборот. Панаѓурите во минатото се одржувале во време на некој црковен празник, кога не се работело и најчесто се организирале на некој рамен терен, честопати во портите на најблиската црква, со цел да се даде и нота на сериозност и општествено прифаќање на настанот.

СÈ ИМА ЦЕНА И Е НА ПРОДАЖБА

И денес суетата е суета, има исто значење и подеднакво како и порано претставува мана во човечкиот карактер, но дефинитивно претставува многу поголемо општествено зло,токму поради опаѓањето на човечките и морални вредности. Панаѓурите, пак, станаа многу посовремени и помодерни и не служат само за купување работи,туку и за купопродажба на луѓе, влијанија, интереси, гласови, желби, тендери. Со еден збор, на сето она со што може да се тргува и што има цена. А денес сѐ има цена и се служи, за жал, за продажба, односно трговија.
Синоќа еден таков панаѓур на суети се одржа покрај Вардар, на рамнината на која стои зграда, кои некои ја нарекуваат Влада, а која веќе подолг временски период е панаѓур на суети. Еден со голема суета ја направи да личи на виенска барокна коњушница, во која се прекршуваат и судираат националистичките, политикантските и тајкунски суети. Постави ограда и го одвои народот од панаѓурот на суети, одржувајќи ги средбите најчесто ноќе, кога останатиот, чесен свет спие. Другиот ја искорна оградата, но панаѓурот на суети не му го приближи на народот, туку истиот остана подеднакво далеку. И понатаму ноќта остана најдобриот сојузник на панаѓурците, време во кое нема многу љубопитни очи, време во кое чесниот народ спие, а темнината на ноќта може да ги скрие нечесните траги.
Синоќа, под прекривката на ноќта се пазареше законот за јавно обвинителство на панаѓур, невиден скоро и на овие матни панаѓурски простори. Секој панаѓурец на кој единствената допирна точка со правото му е простеното, испазарено обвинение со политикантска амнестија го черечеше законот за јавно обвинителство, креирајќи го според свое наоѓање органот кој до вчера го гонел, а за што нема ни основни познавања, ама има многу желби.
Желботеката се отвори со пазарењето на гласовите за законот во замена за неводење две судски постапки, кои се во тек, Талир 1 и 2. Кога им беше исполнета желбата за селективност во правдата, дерогирање на судската власт и доуривање на правниот систем се јавија барањата за јазиците, па за намалување на критериумите за станување јавен обвинител, во зависност од тоа дали си Еским или Кинез, дали јадеш гиро или донер.

КУРИЈАТА ПУШТИ БЕЛ ЧАД

Ако јадеш донер и си присутен во Македонија со 20 отсто, полесно ќе станеш обвинител, отколку да си адвокат што работел 30 години на кривична материја. И така, под превезот на ноќта и лажна прекривка на европскиот напредок се усвои Предлог-законот за јавно обвинителство, и покрај сите критики искажани на јавната дебата. Куријата, која гласаше пушти и бел чад како да избира папа.
Традиционалниот панаѓур на суети, пак, се одржува таму на рамнината кај музејот на Мајка Тереза, во зградата во кој се наоѓа Фондот за здравство, кој е наменет за болни. Таму стручни соработници и истакнати општинари избираат судии и ги унапредуваат постоечките според критериуми, кои ни тие самите не ги разбираат и кои најчесто се содржани во партиските тефтери. И покрај пишувањето и забелешките на Прибе, постојаните критики на домашните и странските експерти, професорката и адвокатска фела овој судски панаѓур на суети стана традиционален со постојана и непроменлива уредувачка политика.
Пред 170 години, англискиот книжевник Вилјем Текери почнал во продолженија да го објавува своето дело „Панаѓур на суетите“, чии основи и денес се среќаваат во провинциски земји со кои апсолутистички владеат примитивци, кои од ден на ден се величаат себеси и се фалат со своите сомнителни заслуги. Тоа го прават бескрупулозно и без ограничувања, гордеејќи се со себе и грабајќи ја славата и богатството, без оглед на цената што историјата трајно ќе ја запомни. Нашите панаѓурци ги испишуваат страниците на својот панаѓур на суети и тоа го прават речиси три децении…

Поврзани новости