Од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) не откриваат дали Љупчо Палевски, кој синоќа МВР го приведе по нивен налог, се уште се наоѓа во полициска станица, е изведен пред судија на претходна постапка или пак по информативниот разговор е пуштен на слобода.
Информација не успеавме да добиеме ниту од Кривичниот суд, бидејќи од одделението за односи со јавноста ни посочија дека се уште не располагаат со бараната информација. Сепак неофицијално, од извори од истрагата, дознаваме дека Палевски се уште се наоѓа во полициска станица.
Она што единствено е познато дека Палевски во полициска станица законски може да биде задржан 24 часа од приведувањето, што значи до околу 22 часот вечерва.
Од СЈО засега единствено потврдија дека на нивно барање е приведено едно лице, но истакнуваат дека не можат да дадат повеќе детали бидејќи се работи за предистражна постапка.
Неофицијално, постапката е отворена за објавување на прислушуваните разговори на Јутјуб. Драган Павловиќ-Латас беше помеѓу оние кои во СЈО пријавија вакви злоупотреби.
Палевски е поранешен функционер на СДСМ, односно екс претседател на градската организација на социјалдемократите, пред повеќе од една деценија.