Заев бара од Џафери секоја недела да има пратенички прашања

by fokus

Со писмо до претседателот на Собранието, премиерот, Зоран Заев, бара секоја недела да се резервира термин за одржување на тематски пратенички прашања. Дописот е испратен до кабинетот на Џафери од кој се бара пратеничките прашања секоја недела да бидат организирани на определена тема и да бидат во траење од еден час, во формат кој ќе го одреди Претседателот на Собранието.

„Владата е спремна да даде свој придонес во обезбедувањето на услови за целосна имплементација на договорените препораки по немилите настани од 24/12/2012, поврзано со насилните настани од 27/04/2017.Во таа насока Владата, односно коалиционите партнери и мнозинството во Собранието, во отворена и искрена соработка со опозицијата, ќе се погрижи надзорната функција на Собранието и собраниските тела над работата на Владата и нејзините безбедносни и разузнавачки служби, да биде редовна и рутинска. Мнозинството ќе се залага и за поголема соодветна вклученост на граѓанското општество во дискусиите на собраниските тела“, стои во писмото од Влада до Собранието.

Дополнително се додава дека Владата активно се залага за вклучување на Собранието во реформата на разузнавачките и безбедносните служби, која моментално е во тек. Владата исто така се обврзува и прифаќа задолжително елаборирање пред собраниските тела на предлог законите на експертско ниво.

Во писмото Заев му честита на Џафери за неговото раководење со Собранието во првите 100 дена, во насока, како што вели, на постигнување на поголема транспарентност на законодавниот дом и негово приближување до граѓаните.

Поврзани новости