„Падна“ спорниот ДУП за Козле – Јакимовски тврди дека граѓаните ги лажат

by fokus

Советниците на Општина Карпош не го изгласа спорниот ДУП за Козле за кој незадоволни граѓани испратија писмо до јавноста и го обвинија градоначалникот дека ќе руши фонтани и ќе уништува зеленило и дека ќе се градат пет згради спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“. Против гласаа сите присутни 17 советници, од советничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица и независните советнички, додека советниците од ГРОМ уште пред гласањето ја напуштија седницата.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски претходно ги повлече сите 28 точки од дневниот ред кои тој ги предложил, а советниците повторно ги предложија и ги вратија на дневен ред.

– Очекуваме нови манипулации, градоначалникот да не ја потпише одлуката на Советот и да не се објави во службен весник и слично, но ние сме тука да ги поддржиме граѓаните, кажа советничката на ВМРО-ДПМНЕ, Адријана Јакимовска Панчевска.

Од Левица Карпош, чиј член е претседавач со Советот, истакнаа дека денешната триесетта седница се одржала во тензична атмосфера.

-Уште на самиот почеток беше прекината од страна на градоначалникот, кој ги повлече точките од дневен ред. По ова, претседателот на Советот, Бранко Ристов, користејќи ги ингеренциите и можностите согласно Законот за Локална самоуправа, Статутот и Деловникот на Општина Карпош, ја продолжи седницата на советот. По исцрпната дискусија за деталниот урбанистички план Ј03 Блок 02, истиот беше ставен на гласање. Советниците на Левица, како што најавија и претходно, не го поддржа овој урбанистички план, гласаа против и истиот не беше изгласан. Она што по кој знае кој пат остави впечаток, е политиката на ДПМНЕ која водејќи се од познатите мицковистички методи и воспоставени пракси на водење несериозна политика, уште еднаш се обидоа да направат циркус, порачуваат од огранокот на Левица.

Утрово, Јакимовски во живо се обрати до јавноста околу тврдењата дека со новиот ДУП на таа локација е предвидено да се градат пет нови згради. Тој најостро ги демантираше лагите дека со новиот ДУП на таа локација е предвидено да се градат пет нови згради.

– Чиста лага е дека ќе се градат пет згради на тоа место. Такво нешто не постои во планот. Не можам да се начудам до каде одат лагите и манипулациите на некои граѓани, рече градоначалникот. Чиста лага е и дека нас ни текнало да нацртаме „аутострада“ со која ќе ги уништиме парковите, зеленилото, детски игралишта. Замислете, тие ме обвинуваат дека сакам да ги срушам фонтаната, игралиштето, клупите, зеленилото кои јас сум ги направил. Немојте да ги слушате тие што сакаат да ве лажат, порача Јакимовски.

Градоначалникот исто така презентираше три претходни ГУП-ови во кои јасно се гледа дека во сите нив е планиран булеварот Теодосиј Гологанов и при тоа ги образложи позитивните измени во новиот ДУП.

-Булеварот Теодосиј Гологанов го проектирал Кензо Танге, и сите градоначалници наваму го следеле неговиот план. Во претходниот ГУП овој булевар беше предвиден со профил од 78 метри. По наше инсистирање кај тогашниот градоначалник Коце Трајановски во новиот ГУП од 2012 година профилот на булеварот беше намален на 60 метри. Со овој ДУП како позитивна промена исто така предвидени се три влеза и излеза во булеварот, за разлика од досега каде има само еден, потенцираше Јакимовски.

Поврзани новости