Дијабетичарите половина година без терапија, глукомери, игли и сетови за децата

by fokus

Дијабетичарите повеќе од половина година не добиваат навремена терапија, глукомери, игли и ленти, како и сетови за децата со Тип 1, реагираат од Сојузот на здруженија на дијабетичари. Ако за две недели не се реши проблемот, најавуваат дека сите пациенти ќе излезат пред Влада.

-Сите граници на толеранција се преминати. Да не зборуваме за семејните буџети колку ни се нарушени. Зборуваваме што е со глукомерите изминативе месеци. Ние како Сојуз кога можевме да обезбедиме 400 апарати и кутии со ленти, кои беа донација за 400 најзагрозени лица со дијабетес, ова министерство може да обезбеди многу повеќе и може да направи навреме да се дистрибуираат, изјави Диме Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари.

Јордан Синадинов, претседател на Здружение на дијабетичари од Кочани, рече дека проблемите важат и за нивната општина.

– Навистина ние веќе шест месеци немаме ленти. Еве денеска проверив немаме и игли, и за жал немаме сетови за инсулински пумпи, значи најмладата категорија, децата, не можат да дојдат до инсулин. Се снаоѓаме меѓу себе, комуницираме, имаме заеднички контакти, си помагаме, кој има на залиха по едно по две пенкала, се снаоѓаме, нагласи тој.

Запрашан што е со оние најзагрозените, како тие се снаоѓаат и колку пари требаат за да се исфинансираат ленти, игли и се друго, Синадинов вели зависи од квалитетот на лентите и бројот на мерења што се вршат на ден.

-Едно пакување на ленти е најмалку 700 денари за 50 лентички. Сега кој како е одговорен и како мери. Некои мерат по еднаш дневно за што е доволно едно пакување ленти, меѓутоа за жал кај дечињата и кај оние што се на инсулин имаат по 4, 5 мерења дневно. Така да тоа се околу 2000 до 3000 денари дополнителен трошок. За жал тоа оди на терет на семејните буџети, мора да одделуваме од нас за самите да си купуваме, подвлече Синадинов.

Во Кочани, како што соопшти тој, на инсулин се околу 700, а на останатата терапија има уште 2500-3000 лица.

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, вели дека се залага за долгорочно решение и дека доцнењата се прават поради процедурите за тендер.

-Доцнат тендерите, јас не можам да кажам дека не сум виновен, јас сум министер четири месеци и работам за тоа, имаме доцнења во јавните набавки и тендерите, не знам зошто тоа било така, но ги преземавме сите мерки истото да не се случи повеќе, вели Меџити.

 

Поврзани новости