Османи: Подготвени сме за преговори, одложувањето би било голема грешка

by fokus 14:05
14:05

Нема сомневање дека ние сме подготвени за почеток на преговори за членство со ЕУ и нема сомневање дека било какво одложување за почеток на преговорите е голема грешка, изјави денеска во Виена шефот на дипломатијата Бујар Османи на прес-конференција со неговиот австриски колега Александер Шаленберг.

– Свесни сме – процесот е сложен, не е едноставно да се постигне консензус и ние не се откажуваме, напротив, постојано јавно кажуваме дека сме подготвени и натаму да работиме посветено и на реформите, и на добрососедските односи, и на сите предизвици кои ќе се појават – сѐ до нашето полноправно членство во ЕУ, истакна Османи, додавајќи оти Северна Македонија и досега требаше да ги почне преговорите.

- Advertisements -

Османи се заблагодари за континуираната и безрезервна поддршка на Австрија во полза на европската перспектива на Северна Македонија, вклучително и започнување на преговорите за членство во ЕУ без никакво одложување.

– Австрија е еден од нашите најблиски поддржувачи и економски партнери, како и константен и гласен поддржувач на проширувањето на ЕУ. Австрија силно се залагаше Северна Македонија да ја одржи меѓувладината конференција до крајот на годината, рече Османи.

Шефот на дипломатијата рече дека напредокот на Балканот е од директен интерес за соседите на регионот, меѓу кои е и Австрија.

– Оваа моја посета денеска претставува заокружување на една мини-турнеја по земјите членки на ЕУ кои се непосредни соседи на Балканот и кои поради тоа претставуваат и нашите најдиректни, во најмала рака, најблиски поддржувачи во процесот на европското интегрирање. Тоа е логично затоа што стабилноста, развојот, напредокот на Балканот е од директен интерес за соседите на регионот, меѓу кои е секако и Република Австрија. Kако непосредни соседи, земјите од окружувањето имаат и најдобар увид, најголеми познавања за состојбите во регионот, што секако ја прави нивната поддршка и нивното мислење уште позначајно, истакна Османи.

На средбата министрите ги отворија и темите од билатералната соработка, реафирмирајќи го притоа фактот дека двете земји имаат поставено основи за стабилно и долгорочно пријателство, без никакви отворени прашања и со широка меѓусебна поддршка за бројни теми.

Во рамки на посетата на Австрија, Османи ќе се сретне и со сојузната министерка за Европска Унија и Устав на Република Австрија во рамките на кабинетот на канцеларот, Каролине Едштадлер.

Поврзани новости