Османи: ОБСЕ ги поддржува иницијативите за мировен договор меѓу Ерменија и Азербејџан

by Фокус

Актуелната состојба и односите помеѓу Ерменија и Азербејџан беа главна тема на денешната средба на Претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи со министерот за надворешни работи на Ерменија, Арарат Мирзојан.

-ОБСЕ ги поддржува иницијативите за постигнување на мировен договор. Од огромно значење е конечно да се решат долгогодишните прашања и да се нормализираат односите меѓу вас како наши важни партнери. На крајот на денот, најголема придобивка од одржлив мировен договор ќе имате токму вие и граѓаните, и на Ерменија и на Азербејџан – рече Османи на средбата со Мирзојан.

Османи се интересираше за статусот на мировниот договор, како и за севкупната безбедносна ситуација во земјата, како и за состојбата на притворените Ерменци во Нагорно-Карабах.

-Дозволете ми да ја истакнам мојата целосна поддршка за тековните напори за посредување и за воспоставување стабилност на терен. Се надевам дека искуството и предностите на ОБСЕ може поактивно да се искористат за безбедноста во вашиот контекст – рече Османи.

Османи и Мирзојан, исто така, разговараа и за загриженоста на Ерменија за состојбата во Лачинскиот коридор и ефектите од неа врз животот и егзистенцијата на населението од оваа област.

-Ги разбирам грижите на Ерменците, и во духот на нашето претседавање ‘За луѓето се работи’ ги охрабрувам сите страни да продолжат со преговорите, наспроти употребата на сила и принуда во решавањето на споровите Тоа се однесува и на прашањата на демаркација и отворање на комуникациските линии – додаде Османи.

Како што истакна Османи, преговарачкиот процес може да биде комплициран и тежок, но треба да надвладее перспективата за добрососедски односи и трајна стабилност.

Тој вчера беше на средба и со азербејџанскиот министер за надворешни работи, Џејхун Бајрамов, во Баку, каде изрази поддршка за иницијативите што го олеснуваат дијалогот и ги смируваат тензиите, вклучително и мерките за градење доверба што водат кон нормализација на односите.

-Стоиме зад секој напор, кој обезбедува позитивна динамика за целосно спроведување на претходно договорените мерки и идентификација на нови области за договор. Го охрабрувам континуираниот билатерален ангажман меѓу Азербејџан и Ерменија кон мирот и решавањето на клучните прашања, како што се разграничувањето и отворањето на комуникациските линии – истакна Османи.

Поврзани новости