Османи: Бугарија има право на вето, но шест месеци е предолг период

by Fokus

Бугарија има право на вето, но шест месеци е предолг период во контекстот во кој се наоѓа регионот, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, коментирајќи го ставот на новиот бугарски премиер Кирил Петков.

Тој посочува дека одлуките за проширување на ЕУ се носат со консензус меѓу членките, како и дека нашата позиција е принципиелна и многу земји од Унијата ја поддржуваат.

– Шест месеци е предолг период во контекст во кој се наоѓа регионот. Има многу отворени прашања. Сметам дека тој период нас не ни одговара. Треба да седнеме со Петков и да разговараме што значи тој период. Таквиот пристап требаше да биде одамна. Првата меѓувладина конференција не е ништо поразлична од останатите. Немаше потреба целиот регион да се држи во заложништво, рече Османи во емисијата 24 анализа на ТВ 24.

„Фајненшл тајмс“ вчера објави дека новиот бугарски премиер Кирил Петков дава сигнали оти Софија ќе стави крај на опструкциите за почеток на преговори на Северна Македонија со ЕУ, ​​откако неговата Влада ќе стапи на должност.

– Ние сме сто проценти за политиката на НАТО и ЕУ. Ќе предложиме нов пристап за Северна Македонија и тоа треба да се направи брзо, за краток временски период, не повеќе од шест месеци, изјави Петков во интервју за „Фајненшел тајмс“ дадено во понеделникот пред гласањето во бугарскиот Парламент за новата Влада, јави дописникот на МИА од Софија

Поврзани новости