Околу 100 пациенти заразени од ковид 19 се тргнати од респиратор ( cpap) во ГОБ „8 Септември“

by Fokus

Околу 100 пациенти заразени со Ковид 19, кои биле со екстремно тешка клиничка слика со сатурација под 60 отсто кислород во крвта се тргнати од респиратор во Градската болница „8 Септември“, потврди за Фокус“, директорот доктор Кристијан Костов.

Додека на почеток на корона кризата, скопската Инфективна клиника беше главно упориште на заболените од овој опасен вирус, наеднаш Градската болница од 16 март, лани се претвори во главен Ковид центар. Според статистиките со кои располага „Фокус“ за целиот овој период, поточно за 14 месеци се хоспитализирани 3.250 пациенти од опасниот корона вирус. Од почетокот на ковид пандемијата, во болницата се извршени 14.000 прегледи само во трите амбуланти на Одделот за инфективни болести, додека пак уште 10.000 прегледи се направени во Тријажниот центар за ковид пациенти, што значи се доаѓа до бројка од вкупно 24.000 прегледи на сомнителни и заразени од смртоносниот вирус за само 14 месеци.

За време на целиот период, секоја вечер во болницата пристигнуваа од 15 до 20 пациенти со пневмонии, кои биле потенцијални носители на вирусот. Најстрашното од се во приказната е тоа што таму се носат пациентите со најтешка клиничка слика, од кои дел завршуваат на респиратор, а додека дел се на кислородна поддршка.

Статистиките со кои рсполагаме, уште покажуваат дека само во старата Воена болница се направени 11.000 биохемиски анализи на ковид пациенти и 14.000 крвни анализи на Трансфузиологија.  Исто така, за целиот овој период додека болницата е ковид центар се направени и 525 коронографии, 300 стентови, 130 инфаркти од кои 25 срцеви удари на пациенти заразени со Ковид 19.

Факт е дека болницата за време на целата ковид пандемија работеше со само двајца инфектолози кои мораме да потенцираме дека се едни од главните специјалности за ова заразно заболување, од кои едната подоцна замина на работа во „Систина“. Дел од медицинскиот персонал од тоа што можевме да го забележиме се најдоа пред тотален колапс, но сепак останаа и со пациентите до крај ја тераа битката, додека дел и си заминаа во приватните болници не можејќи повеќе да го издржат притисокот.

Директорот на болницата, доктор Костов во изјава за „Фокус“ потврди дека целиот медицински персонал дал се од себе за да им се помогне на заболените од ова опасно заразување.

Фото: Канал 5

„ Ние како институција располагаме со неверојатен капацитет, најсовремена апаратура и целосно подготвен, вистински професионален технички и медицински кадар. Тоа е врвно обучен кадар, кои макотрпно и пожртвувано се бореа и се уште се борат за секој човечки живот во целиот овој изминат период од 14 месеци. Овде во болницата за кратко време може да се направи комплетен дијагностички и терапевтски третман, било да е хируршки или интернистички и тоа во чекор со најсовремените медицински достигнувања, а тоа е суштината на успешноста. Сепак, оваа година уриваме неславни бројки, велам неславни бидејќи бележиме дури 24 000 прегледи во трите инфективни амбуланти и во тријажниот центар на пациенти позитивни на Ковид-19 или суспектни на вирусот. Во сите изминати месеци имавме 3.300 хоспитализирани пациенти. Голем дел од приказните имаа среќен крај, но, некои за жал завршија оставајќи болка и тага, бидејќи ниту лекарите, ниту медицинските сестри немаат волшебна моќ да се изборат за сечиј живот – вели доктор Костов.

Во последните неколку денови, бројот на заразени од Ковид 19 драстично опадна. Во денешниот извештај на министерството за здравство може да се забележи дека на 2.953 тестирања се регистрирани 87 заразени пациенти, додека 17 починале.

Ирена Мулачка

 

 

 

 

 

Поврзани новости