Одбраната на Рашковски бара тој да биде ослободен за случајот „Софтвери“

by Fokus

„Мотивот колку што беше докажување на невиноста, толку беше и докажување на еден нов начин на водење на судска пракса“.

Ова денеска го изјави обвинетиот Драги Рашковски во своите завршни зборови за случајот „Софтвери“.

Во Основниот кривичен суд Скопје тој детално ги образложи завршните зборови и ги изнесе аргументите со кои ги побива, како што рече, „седумте теории на Обвинителството“.

– Вештите лица на одбраната и вештите лица на Обвинителството, заклучуваат дека постапките се водени согласно Законот за јавни набавки, рече тој.

Обвинетиот Рашковски изнесе ставови за побивање на дигиталните докази, како и анализа на специфичните докази на Обвинителство.

– Во целиот овој процес, одбраната беше таа која напаѓаше, а Обвинителството на таквите напади немаше никаков одговор. Девизата на одбраната е нападот е најдобра одбрана, стои во писмените завршни зборови на Рашковски кои тој ги проследи до Судечкиот совет.

Побара Судот да донесе, како што рече, „правична одлука“.

Неговиот адвокат, Владимир Доневски, во завршните зборови посочи дека Обвинителството со ниту еден доказ не докажало дека Драги Рашковски не ги извршил своите обврски во извршувањето на четирите јавни набавки. Истакна дека од обвинението изостануваат сите законски обележја за свест и намера за кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, што му се става на товар.

– Судот оваа постапка може да ја заврши само на еден начин, а тоа е донесување на пресуда со која обвинетиот ќе се ослободи од обвинението, бидејќи Јавното обвинителство не покажа дека обвинетиот ги сторил кривичните дела надвор од разумното сомнение, рече адвокатот.

Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”, а лицата Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјаноска се обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување”.

Поврзани новости