Од Македонија и Пендаровски 600 евра, а од Врабевски 6.000 евра за патување на наградени ученици, тврди Фондацијата „Бугарска меморија”

by fokus

Детското ликовно студио ,,Свети Кирил и Методиј” од Битола освои 13 медали и 20 признанија на престижен конкурс за детски цртежи организиран од УНЕСКО, Светски институт за уметност на младите. За тој успех на Северна Македонија, државата во име на претседателот Стево Пендаровски одвои 600 евра, во споредба со 6.000 евра, донација на Милен Врабевски, средства кои ќе им послужат на наградените ученици за патување во Франција, каде ќе ја примат наградата – објави Фондација ,,Бугарска меморија” на својата официјална страница.

Станува збор за фондација на чие чело е Бугаринот Милен Врабевски, познат во јавноста како финансиер на бугарските клубови во Битола и Охрид, кои периодов ја вознемирија пошироката јавност бидејќи беа именувани според конроверзни историски личности – Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети. Клубовите беа избришани од Централен регистар по бурните реакции.

Како што е наведено во објавата на фондацијата, децата во ликовното студио во Битола се обучувале бесплатно уште од 1968 година, се до лани, кога државната помош им била ускратена без објаснување, случајно или не, по посетата на Пловдив – тврдат од фондацијата.

Појаснуваат дека студиото ,,Свети Кирил и Методиј” од Битола е организатор на Мал Битолски Монмартр и Детски ликовен конкурс и изложба ,,Битола”, а за да се одржат овие настани кои ја рекламирале Македонија, Врабевски донирал 17.500 евра.

-Со целата оваа позадина, на Денот на храброста, 6-ти мај, на доктор Врабевски не му беше дозволен влез во Македонија, поради забрана според која е потенцијален нарушувач на јавниот ред. Со оваа акција на македонските власти, за прв пат во изминатите 16 години Врабевски не им оддаде почит на бугарските борци убиени во време на војните за национално обединување на бугарските воини, погребани во Ново Село, споменик кој беше обновен и поддржуван лично од него-наведено е во реакцијата на фондацијата.

Изминатиот период фондацијата на Врабевски често пати пишуваше за нивната програма за градење на добрососедски односи, и во неколку наврати објави фотографии од македонски ученици, чија посета во Бугарија ја финансирал Милен Врабевски. Во текстовите на фондацијата, за учениците пишуваше дека се истомисленици на бугарскиот клуб ,,Ванчо Михајлов”. Потоа, тој финансираше петдневен престој на ученици од битолското ликовно студио во Бугарија, како дел од кампањата ,,Од двете страни на границата”. Учениците тогаш имаа средба со неофицијалниот бугарски престолонаследник Симеон Саксобурготски, а положија и венец на гробот на Цар Борис Трети во име на фондацијата.

Претседателот Пендаровски пак, имаше средба со претставници и членови на битолското ликовно студио кон крајот на април годинава. Тој изрази поддршка за работата на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“, искажа задоволство од нивната успешна работа во препознавање и едукација на млади ликовни таленти од битолските основни училишта и предучилишни установи.

Претседателот на младите битолски уметници им честиташе за посветеноста и креативноста, за вложените труд и љубов кон уметноста, посакувајќи им да останат на својата патека и да бидат позитивен пример за нивните врсници.
Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ во просек го посетуваат по 50 деца на возраст од 5 до 18 години, а зачленувањето се врши по пат на конкурс што се распишува на почетокот на учебната година.

За ,,Мал битолски Монмартр” од Министерството за култура годинава одвоиле 240.000 денари, финансиска поддршка од Годишниот конкурс за проекти од национален интерес.

Од Министерството за култура информираа дека редовно, во континуитет, секоја година ги поддржуваат проектите на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола, и тоа: Светскиот ликовен конкурс и Меѓународниот фестивал „Мал битолски Монмартр“.
За 2023 година, проектите на „Мал битолски Монмартр“ добиле највисока сума за поддршка досега, во износ од 240 илјади денари, и тоа за Фестивалот – 151.800, а за Конкурсот – 87.300 денари.
Лани им биле доделени 219.000 денари, во 2021 година – 192.000 денари, а пак во 2020 година им биле доделени 150.000 денари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости