Трајанов: Владата предлага пет закони со европско знаме за сопствената амнестија 

by Fokus
Со европското знаме на законите Владата сака да ги легализира коруптивните елементи на договорот со „Бехтел и Енка“,  рече пратеникот на Демократскиот Сојуз Павле Трајанов на денешната собраниска седница при утврдување на  предложениот дневен ред.
„На оваа седница на Парламентот, Владата достави пет закони и тоа со европско знаме, со цел да се легализираат коруптивните елементи на договорот со „БЕХТЕЛ и ЕНКА“, како и да се амнестираат членовите на Владата кои го усвоиле договорот и неговите потписници“, рече Трајанов.

Тој изјави дека со потпишување на договорот во кој има одредби кои се спротивни на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за изградба на коридорите 8 и 10 д, како и на одредби од законите за урбанистичко планирање, градење, експропријација и работни односи, се работи за класична злоупотреба на службената положба и постојат основани сомненија за кривична одговорност.

„Обидот на Владата преку пратеници да предложи 9 закони, беше неуспешен за дел од тие закони, сега Владата предлага пет од нив, но по скратена постапка и со европско знаме, со цел тие да бидат донесени без можност да бидат ’блокирани’ од пратеници кои не се согласуваат со решенијата содржани во предлог-законите. Овие закони ги предлага со европско знаме, но се работи за класична злоупотреба, бидејки предложените измени не се во насока на усогласување на нашите закони со законодавството и стандардите на ЕУ“, рече Трајанов.

Тој рече дека доколку Парламентот ги усвои овие пет закони ќе се случи тежок институционален криминал, бидејќи ќе се амнестираат од одговорност сите министри и премиерот и ќе се легализира грабеж од огромни размери.

„Одлуката и одговорноста е кај пратениците, или ќе спречат грабеж на столетието или ќе ги амнестираат министрите и потписниците на овој коруптивен договор, кој пратениците не можат да го видат“, рече Трајанов. 

Поврзани новости