Од Иловица до Солунa

by Fokus

Со песната „Не плачи мајко не жали, ако загинам за Македонија“… присутните граѓани ги полнеа батериите со патриотизам, чиниш ќе тргнат во поход да го освојуваат Солун, а не дека дошле на благороден протест против отварање на рудник за злато и бакар во Иловица, стумичко.

Пред официјалните излагања, присутните во еден глас ја испеаja химната „Македонците се борат за своите правдини…“ и веднаш по химната следуваше воведно обраќање во кое беа поздравени Македонците и Македонките, (следува громогласен аплауз). Продолжува, „под ова врело македонско сонце дојдовте во голем број да го искажете својот револт кон срамната одлука на Владата“, (скандирање УАА).

На протестот доминираа знамињата со вергина (како да се дојдени на партиски митинг), и буквално ги покрија транспарентите на еко-активистите. Говорниците како да ја утнале темата на протестот, па се расфрлаа со изрази дека нема да им дозволат на странските предатори кои се во спрега со нашите домашни предавници да прават што сакаат.

„Ние немаме резервна татковина и ќе се бориме за оваа наша жална и напатена татковина… Им порачуваме на сите внатрешни и надворешни непријатели, на струмичката котлина, дека ќе ја зачуваме нашата почва како што ни ја оставија нашите предци. Само сплотени ќе го победиме злото. Само така ќе ја зачуваме нашата мила и заедничка Македонија“.

Еден од говорниците истакна дека во тој регион живеат и луѓе кои се дојдени од (Егејска Македонија) Грција, и вели дека ги предупредил дека „од таму ги преселија душмани и од тука ќе ги селат душманите“.

Тие се заканија и со масовни судири и дестабилизација на државата и дека „само преку нив мртви“ ќе може да се изградат рудници. Ова ме потсети на националистичкиот протест (во 2021 година) на жителите (Македонци) од „Трајаново Трло“ во Кочани кои против изградба на типски куќи на социјално загрозени семејства, истакнаа транспарент „Само преку нас мртви“, нагласувајќи дека нема да дозволат до нив да се изгради нова населба која ќе биде населена со Роми.

Додека траеа говорите против отварање на рудници во струмичко, во неколку наврати се слушаа извици од напалената публика: „Смрт за предавниците“, „Смрт за Шиптари“, „Смрт за централната власт“…

На кратките паузи додека немаше излагања од говорниците, граѓаните се развеселуваа со песните: „Што ќе остане од Македонија, ако душмани те крадат и душмани те делат“… и „Проклети да се предавниците народ свој што го предале“… Истиот репертоар на песни кои се пуштаа на протестите организирани од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, „За задничка Македонија“ против промена на името и против Францускиот предлог. А и не само репертоарот на песни туку и вокабуларот на излагањата беа идентични (и скандирањата).

„Ова е Република Македонија“, (нели, никогаш Северна)… „Ова е удар кон нашето достоинство, удар кон суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија“… „Здравјето на нацијата е загрозено“… „Македонија ќе ја кренеме пак на нозе“.

Една од говорничките, во ист манир како пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кога се мачеше да го запали Францускиот договор, па на крај го искина на парчиња, исто и таа со тешкотија го запали договорот (лист хартија) откако напомош и дојде уште еден соборец, и со друга запалка успеаја триумфално да го запалат.

На протестот против отварање на рудници се (зло)употреби и религијата. Еден од говорниците вели: „Струмичкото поле Бог ни го дал преку нашите предци“, отакако претходно ги поздрави свештениците кои дошле на протестот.

Друга говорничка раскажа како баба и во една прилика додека беа на поле и рече: „Синче, тука навечер се симињал Господ да вечера на струмичкото поле“.

Друга говорничка вели: „Македонија раѓа(ла) синови и ќерки и нема да има рудници, ќе има трудници“.

Правото на протест е демократско и загарантирано право. И треба да има протести, иницијативи, референдуми кога се работи за тема како што е отварање на рудници. Меѓутоа протестите против отварање на рудници не смејат да се претворат во предизборни митинзи и кампањи.

Извор: Civilmedia

Дехран Муратов

Поврзани новости