Обвинителство за изјавата на Заев: Политичарите треба да имаат доверба во обвинителите

by fokus

Јавното обвинителство не коментира изјави на п​олитичари. Обвинителите совесно ги вршат работите, велат од Обвинителството за „Фокус“ по изјавата на премиерот Зоран Заев во интервјуто за неделникот „Фокус“, во која вели дека не му верува на Обвинителството, односно на обвинителката Вилма Русковска дека поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски ја злоупотребил функцијата.

-Целата јавност, вклучувајќи ги и политичарите треба да имаат доверба дека се постапува непристрасно и само врз основа на докази. Судот е тој што ценејќи ги аргументите на двете страни ја носи конечната одлука, велат од Обвинителството за Фокус.

Заев во интервјуто вели дека Рашковски ќе биде виновен кога тоа ќе се потврди со правосилна судска пресуда и тврди дека не ја злоупотребил функцијата и има спроведено кристално чисти јавни набавки.

-Останувам на ставот дека Владата може да нарачува софтвер без да праша никого, а на министерството е дали ќе го користи, вели Заев.

На прашањето дали тоа значи дека не му верува на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, Заев одговара:

-Апсолутно не им верувам и за овој, како и за многу други предмети, вклучувајќи и предмети за опозиционерите, кога директно кажав дека тие не се организатори на настаните од 27 април. Бев повикан како сведок на Обвинителството и кажав дека таа (Русковска н.з.) не е во право. Тоа е мое сведочење за овој предмет во кој бев еден од главните таргети во овој случај. Така што јас не морам да се согласам со неа и со тоа што таа го тврди. Сум имал спротивни ставови околу притворите за Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска кога кажав дека притворот не смее да биде казна, туку само обезбедување присуство. Секој што се огрешил од законот треба да одговара. Но, што е различно со оваа власт? Законот важи за сите и никој не е заштитен и изземен, без оглед дали станува збор за бившиот генерален секретар на Владата, кој важи за еден од моите најблиски соработници. Тоа порано не можеше ниту на сон да се замисли, рече Заев.

Поранешниот генерален секретар е во притвор откако Обвинителството за гонење на организиран криминал отвори истрага за спорна набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци, за којшто Министерството за внатрешни работи немало потреба и не го користело.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости