Нож во грб

by Fokus

Изјавата на Каракачанов дека Македонија и задава нож во грб на Бугарија значи токму спротивното. Бугарија и зададе нож во грб на Македонија, благодарејќи им токму на таквите како него, кои многу бргу ќе завршат на буништето на историјата и политиката

Пишува Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Од ден на ден се` повеќе стануваат морално излитени, политички беспредметни, а културолошки варварски изјавите на “најголемиот“ Бугарин во Бугарија, човек со недвојбено македонско етничко потекло, претседател на бугарското ВМРО, министер на одбрана и потпретседател на актуелната бугарска влада неговото господовство, војводата Красимир Каракачанов.

Да не е толку сложена внатрешно политичката состојба во Бугарија, да не е толку неопходно отворањето на пристапните преговори на Р.С.Македонија во ЕУ и да не е толку важна состојбата на Западниот Балкан за стабилноста и мирот во Европа, актуелното однесување на господинот Каракачанов ќе се сметаше само како дел од еден примитивен балкански политички фолклор.

Но, за жал, времињата и состојбите во Европа и во светот се премногу сложени, опасни и непредвидливи особено со резултатите од биолошката војна која е во тек. Па затоа делува неразумно и несфатливо огромното количество на омраза што господинот Каракачанов го има кон се што мириса и наликува на македонско и на Македонија.

ПОЛИТИЧКИ ДЕЛИРИУМ

Од друга страна човек, особено било кој што има и малку познавања од психологијата на политичкото однесување, многу лесно ќе го разбере ама и прочита таквото варварско и политичко насилно однесување на господинот Каракачанов.

Имено, бугарското решително “не“ за отпочнување на преговорите на Р.С. Македонија со ЕУ доаѓа во време на најголеми социјални и политички немири во Р. Бугарија од падот на социјализмот па наваму. Корупцијата и криминалот на сите нивоа, кои со мали осцилации постојано се присутни во економскиот, политичкиот и општествениот живот на Бугарија, во времето на оваа влада достигна епски размери.

Р. Бугарија, иако веќе речиси петнаесет години е членка на ЕУ, не успеа ова време да го искористи за да воспостави владеење на правото, правна држава и економски развој. Напротив, се` уште е на дното на европскиот економски и социјален развој.

Сето тоа делува фрустрирачки како кај обичните граѓани, така и кај политичката елита заглавена во криминал и корупција.

Затоа и не чуди што г. Каракачанов со голем жар го зграпчи моментот кога требаше Р. Бугарија да  даде согласност или вето за отпочнувањето на преговорите на Р.С. Македонија со ЕУ. Во него тој ја виде големата шанса да се промовира себе си во “важен“ чинител на бугарската политичка сцена.

АГРЕСИВНОСТ И ВУЛГАРИЗАМ

Неговиот политички гард уште од самиот почеток е заснован на политичка агресивност, радикализам и вулгаризам. Во таквата своја политичка поставеност, тој ја виде својата единствена спасоносна шанса да преживее на бугарската политичка сцена. А дека ќе ја брани таквата своја позиција нема дилеми. Ќе ја брани жестоко и со сите средства.

Тоа најдобро го покажа и неговиот сопартиец Ангел Џамбаски кој со петарди и водени црева ги “частеше“ граѓаните кои демонстрираа под прозорците на партиското седиште на ВМРО во Софија. Тоа е нивниот став и нивното разбирање за демократијата.

Оттаму за очекување е во периодот до претстојната пролет кога треба да се одржат изборите во Бугарија, однесувањето и изјавите на г. Каракачанов уште повеќе да се радикализираат, вулгаризираат и примитивизираат се со една цел – по секоја цена да остане на власт.

Или, како што рекол народот – дај му власт па ќе видиш колку и каква памет има. Затоа неговата изјава дека Македонија и задава нож во грб на Бугарија значи токму спротивното. Бугарија и зададе нож во грб на Македонија, благодарејќи им токму на таквите како него, кои многу бргу и во самата Бугарија ќе завршат на буништето на историјата и политиката.

Тоа е вистината ако на било кој во Европа му е веќе до неа!

Поврзани новости