Новогодишна честитка: „Не стој Доне Донке!“

by Фокус 19:43
19:43

Кирил ЕФРЕМОВСКИ

Завршува годината. На последниот ден од оваа турбулентна и напната година, кога се прават политичките рекапитулациите за тоа што најмногу ја одбележа минатата 2015, моите мисли застануваат кај Катица Јанева и Специјалното јавно обвинителство. Формирањето на ова обвинителство претставува најдиректен испорачан продукт од пржинскиот договор и сите напори и на домашната, а пред се меѓународна заедница за трасирање на еден од патоказите со назнака – како понатаму во излезот од длабоката политичка и општествена криза.

- Advertisements -

Многу редови беа испишани, уште повеќе зборови (и напади) искажани за обвинителката и оваа инстутуција од нејзиното формирање до денес. Но токму поради основната намена за кое и е формирано ова Специјално јавно обивинителство – да ги истражува и процесуира наводите од прислушуваните комуникации и  разговори, во 2016  Јанева и Специјалното јавно обвинителство ќе се соочуваат со уште поголеми притисоци, анатами , деградирања, напади…

Соочувајќи се со дефицит од останати општествени и политички инструменти кои ќе се користат за помирување на поделеното и раскарано општество пред се на политичка основа, сите погледи на јавноста дополнително ќе бидат вперени во Јанева и СЈО.

Затоа очекувњата веќе се, а ќе бидат и преголеми па дури и нереални. Но Јавноста не е виновна за тоа што очекува премногу од Катица Јанева, впрочем сите што останаа да живеат во оваа Македонија сакаат подобро утре, поспокојни денови со подлабок џеб и конечно расчитување со политичкиот криминал и корупција. Затоа желбите и посакувањата на граѓаните се оправдани. Од друга страна, одредени политички центри на моќ, веќе  (неоправдано) до толку многу ја глорифицираа нејзината улога и моќ, па веќе се доведува во прашање дали зборуваме  само за институција и шеф на истата кои треба да истражуваат и гонат криминал, прекршување на закони и злоупотреба на положби и позиции според докази и право, или за нов вид на спасител, Месаја, која ќе не спаси од пропаста.

Да бидеме на јасно, специјалната јавна обвинителка не може да биде супститут за слабата екипираност на опозицијата, ниту за нивните недоволни програмски решенија и нови идеи. Таа не може да се користи како политичко орудие во рацете на Зоран Заев за пресметка со Никола Груевски и ДПМНЕ, а ниту пак Груевски и ДПМНЕ да  обвинуваат дека  Јавена е извршител-поттрчко на СДСМ, бидејќи лично Груевски ја прифати, а ВМРО во Собранието гласаше за нејзе и институцијата која ја предводи.

Јанева мора да постапува согласно своите надлежности и да остане што повеќе имуна и идолентна на партиските прозивки и препукувања.  Многу закани, пари и моќ ќе бидат насочени и употребени во идинина против се што Јанева ќе се обиде да сработи и процесира. Но сите закани и притисоци нема да бидат доволни доколку јавните обвинители  работат и го почитуваат словото на законот и се разбира знаат како да си ја сработат  работата за која се платени. Најголем сојузник на СЈО и Јанева е кривичниот закон  и Уставот. Тие  се нејзини верени сојузници и ќе и овозможи многу, доколку тимот и Јанева  работат сериозно и најдат доволно докази за процесирање на сите оние што во прислушуваните разговори велат дека се лудаци, имаат тефтерчиња, а од Петата управа на МВР именуваат судијки. Или пак се дил ориентед и наоѓаат огромни луксузни локации во парк шуми и тоа за џабалак,а посакуваат да врзат два-три шамари и  злобно се смеат за течење низ нечии панталони.

Затоа сега, кога сите формално правни, па и технички услови се исполнети тимот и Јанева треба помалку да празнуваат, а повеќе да работат. Криминалите се криминалци 24 часа 7 дена во неделата, а судот дежура и на делник и на празник, па бил тоа и Божиќ. За воља на вистината, правото налага таинственост на најголем дел од она што Јанева и нејзините обивинителите ќе го работат, истражуваат и процесираат, арно ама  сега кога има услови и можност, Катица Јанева мора да формира свој оддел за комуникација со јавноста, кој на нај професионален и непристрасен начин ќе ја информира се по љубопитната јавност, додека Јанева и нејзините заменици ќе преслушуваат и истражуваат.

2016 ќе биде уште една година на големи тензии, неизвесности и сиромаштија, но по многу нешта ќе биде и годинината на Јанева и нејзиниот тим.

Во очи на новогодишната ноќ, кога желбите честопати  се и нереални, ама пак нели затоа и се само желби, јас на специјалната јавна обвинителка и тимот ќе и посакам пред се добро здравје, остар ум, голема храброст и “резултати сега“!  Слично како и во една народна песна, „Од гледање Донке фајде нема“. Потребна е акција, потребни се дела, кои што поскоро Јанева ги испорача толку подобро за сите нас и идината на општеството.  Корупцијата е рак рана за македонското општество и една од најголемите прични што не и дава пркост на државата и по 25 години опстојување. Затоа што поскоро Јанева почне да расчистува со сите сомнежи и индиции за висока корупција толку повисоко место ќе си обезбеди во истото тоа општество кое истовремено може да ја „погреба“  или „круниса“ и пред таа воопшто сериозно да почне.

 

Поврзани новости