И јас ја напуштив Македонија

by Фокус

Воздухот труе на лоши политики што се протегаат многу пошироко од ПМ10 честичките. Воздухот труе на груевизмот од кој се гуши секој самосвесен, слободоумен, нормален човек. Таа загаденост ме натера да се иселам од земјата. Уште пострашно е што последниците од таа загаденост која трае цела деценија ќе останат долго после падот на нарцисоидното диктаторче.

Ида ПРОТУГЕР ВЕЉКОВИЌ

Во неделата се одржа протестот поради загадениот воздух и јас не бев таму. Јас, која со години протестирав на социјалните мрежи, која не знам колку пати сум се пожалила на воздухот во Центарот за известување и тревожење, кај Министерството за животна средина, сега не ни постирав информација за протестот. Некако ме гризеше совеста што не сум во Скопје, што сега дишам чист воздух. А дишам чист воздух затоа што се иселив од Македонија.

Од неодамна живеам во европски град и не можам да се изнарадувам на нешта кои се базични услови за живот, чист воздух, чисти паркови, вода од чешма која не поминува низ азбестни цевки, проверен квалитет на храна. До неодамна еднаш неделно се соочував со недостиг на вода, без најава, едноставно цел ден немаше вода.

Не излегував без да го проверам квалитетот на воздухот, во парк цело време гледав детето да не ми згазне на скршено шише, шприц или друг опасен отпад, не бев сигурна во квалитетот на храната, низ градот морав да се шетам така што детето со количка морав да го возам на улица, затоа што во најголем дел од градот нема пешачки патеки или ако ги има, зафатени се со паркирани возила.

И одеднаш сето тоа го снема, со самото напуштање на сопствената држава. Се прашувам дали навистина таа “несовршеност” толку ми пречеше за да се иселам од сопствената земја?!?

СЕКИРИТЕ НА РЕЖИМОТ

Навистина, сега се шетам во преубави паркови каде се води грижа за секое дрвце, барокот е од соодветниот 17ти век, пешаците и велосипедистите се институција со сите права и привилегии, нема нервозни возачи. Но, зарем вакво “совршенство” ми беше толку потребно за да ја напуштам родната земја на 43 години?

Напротив. Уживав во мирисот на овошје и зеленчук на скопските пазари, навикната бев на возење кола во скопски услови, чекав да дојде петок да си излезам со “друшките” на муабет со мезе и пивце, мислев дека тешко се живее без Партизанска, погледот на Водно, институцијата денско кафе во Дебар маало.

Кога една по една заминуваа моите другарки од детство, си мислев дека прелесно се откажале од Македонија. Едната е во Мадрид, другата во Ванкувер, третата во Рим, четвртата во Прага, сестра ми во Торонто. Се помалку мои луѓе останаа во Скопје. Сега и јас се придружив на “бегалците”. Што е најчудно, никој не ми рече дека на овие години е тешко да се почнува од почеток, туку најчестите коментари беа “имаш среќа, се спаси”.

Не, не ми пречеше несовршеноста на мојата земја. Кога би имала чувство дека загадениот воздух е проблем што го делиме сите и дека власта од петни жили ќе изнајде мерки што ќе ја подобрат состојбата, кога институциите како Центарот за известување и тревожење би функционирал во корист на граѓаните, а не моите поплаки да завршуваат само како снимен телефонски повик, немаше да бидам бесна, ќе сфатев дека како град сме соочени со проблем.

И други градови се соочуваат со тој проблем, но одамна се занимаваат со точно утврдување на изворот на загадување и санирање на штетите. Не е тешко да се утврди изворот на загадување затоа што во светот тоа се прави преку анализа на ПМ10 честичките. Сепак, разбирам зашто власта во мојата земја не го прави тоа. Затоа што кој и да е изворот, упатува на нејзините погрешни политики на штета на граѓаните.

Ако е загадувањето од автомобилите, таа беше гарнитурата што овозможи увоз на автомобилскиот крш, прекуноќ го “остаре” возниот парк за десет години и ги намали еко стандардите за возилата. Се разбира, Груевски не се вози во таков крш, туку во мерцедес од 600.000 евра, со масажери за грбот и гратис Мајбах очила.

Ако прашината е од градежни зафати,  повторно прстот е вперен во Груевски и неговата манијакална опседнатост со менување на ликот на градот, поточно негово огрдување, со злоупотреба на нашите пари.

Ако е од греењето на дрва, јасно е во чие време цената на парното растеше многу побргу од квалитетот на услугата, а ветената гасификација никогаш не се случи, па граѓаните масовно се исклучуваа од инсталациите на Топлификација (од сведочењето на Богоевски разбравме и кој ја презеде компанијата што го објаснува растот на цените и изживувањето врз граѓаните да плаќаат без оглед што се исклучени од системот на топлинско греење).

За недоволните количини кислород “виновни” се илјадници мртви дрвја што паднаа под секирите на режимот во операцијата на изживување врз градот.

КОРУПТИВНО КЛИЕНТЕЛИСТИЧКА МАФИЈА

Воздухот труе на лоши политики што се протегаат многу пошироко од ПМ10 честичките. Воздухот труе на груевизмот од кој се гуши секој самосвесен, слободоумен, нормален човек. Таа загаденост ме натера да се иселам од земјата. Не труе на ВМРО, туку на ДПМНЕ и неговиот слуга ДУИ, затоа што првите четири букви од името на партијата на власт немаат ништо заедничко со патологијата на владеење на Груевски и неговата клика.

Уште пострашно е што последниците од таа загаденост која трае цела деценија ќе останат долго после падот на нарцисоидното диктаторче. Дури и сега веднаш тој да замине во историјата, поточно на местото кое е резервирано за оние што цела деценија се изживувале врз граѓаните злоупотребувајќи ги нивните пари, местејќи изборни победи, силувајќи го градот, институциите (за што сведочат објавените телефонски разговори), враќањето во нормалноста ќе трае повеќе од периодот на владеењето на оваа гарнитура.

Како ќе се вратат лекарите што избегаа од државното здравство и сега се далеку од мобингот и малтретирањето што им го приредуваше Тодоров? Тие сега работат во достоинствени услови и тешко некој ќе ги врати да го оправаат руинираното здравство во Македонија. Оние што не успеаја да побегнат во странство, сега се во приватните клиники каде услугите се тешко достапни за обичниот граѓанин.

Како ќе се поправат состојбите во образованието кога цела деценија се поставуваат директори и наставници од партиски списоци, чиј адут за вработување и квалитети не се поврзани со наставно научниот процес туку нивната понизност и лојалност кон партијата? Како ќе се деконтаминираат институциите од корумпирани кадри кои се ставени за да му служат на Груевски, а не на граѓаните како во секоја цивилизирана земја?

Како ќе се исчистат медиумите од лажните новинари чија работа нема врска со професионалните стандарди туку се дел од коруптивно клиентелистичката мафија која без пропагандата ќе биде оставена како риба на суво? Еве сега пропагандата работи на етикетирање на Катица Јанева, како што претходно нѐ обележа сите како државни непријатели, платеници, соросоиди, предавници.

Колку време ќе биде потребно за правдата да се врати во институциите, а кадрите како Зврлевски, госпоѓата “сваровски” и останатите слуги на режимот да одговараат што наместо за граѓаните, работеле за сопствена корист, како дел од истиот мафијашко- коруптивно – клиентелистички маѓепсан круг во кој се задушува земјата?!?

Да не зборувам за презадолженоста и не би сакала да сум во кожа на оној што ќе ја преземе државната каса од рацете на Ставрески. Ако знам дека немаме патишта, но парите се штедат и рационално се трошат за да се изградат, нема да гледам на тоа како на “несовршеност” на мојата земја, туку како трнлив пат кон повисоки стандарди за квалитет на живот. Но, ако знам дека парите на даночните обврзници безочно се расфрлаат за музеи, споменици, палми, галии и градби неколку пати преценети во однос на потребните суми за изградба, тој грабеж ми создава гнев и не би сакала да живеам во земја со таква власт.

Ако промените сега почнат, последиците од груевизмот веројатно ќе бидат санирани кога ќе треба да заминам во пензија, што е поразително за мене. Чекајте, реков пензија? Засега сум далеку од услови за пензија затоа што мојот регулиран работен стаж заврши после 14 години работење и од тогаш работам за хонорар. Заедно со стажот, заврши и мојата пазарно утврдена плата затоа што пазарни услови во медиумите одамна не постојат. Оние независни медиуми кои ме ценат и кои ги ценам, не можат да ми дадат пазарно утврден хонорар или плата, во непазарни услови во кои и самите едвај преживуваат. Затоа пак, парите не се проблем за власта која црпи од заедничкиот буџет за да си ја плати пропагандата и креирањето лажна реалност за условите за живот.

НЕКА 2016-ТА БИДЕ ГОДИНАТА НА ПРОМЕНИ

Јас овде не го гледам премиерот на вести секој ден, а не знам ни кој е градоначалник, но на секој чекор ги чувствувам придобивките од рационалното трошење на пари за благосостојба на граѓаните. Ми се чини дека уживам во придобивките на најсовршениот јавен превоз во Европа, шалтер не сум видела бидејќи административните работи се завршуваат преку електронска комуникација, а потребните документи ви стигнуваат на домашна адреса. За разлика од Македонија каде граѓаните го “уживаат” статусот на понижени и навредени, а неговото височество функционерот не е во нивна служба, туку ја цица нивната енергија и пари за сопствена благосостојба.

Уште повеќе поразува сознанието дека има огромен број граѓани кои тоа не го сфаќаат, мислат дека Груевски заслужено се луксузира со нивните пари, а нив најмногу им следува работно место за кое се на листа на чекање во партискиот штаб. Бегам од таа состојба на ниска свест за сопствените права и улога во општеството, од таа атмосфера на сервилност која не познава граници и клиентелистичко -коруптивен маѓепсан круг кој ја влече земјата назад.

Поминувам овде покрај зградата на Обединетите нации каде покрај сите развиорени знамиња е и македонското. Не чувствувам никаква радост што го гледам, не чувствувам никаква патриотска клетка дека мрда во мене. Знамето ме асоцира на лажниот патриотизам, на национализмот со кој е загадена мојата земја, знамето со кое е обвиткан Груевски, а не направил ништо за него.

Јас сакам да дишам слободен и незагаден воздух, дом да ми биде местото каде можам достоинствено да живеам и творам. Би била најсреќна и моите две деца што ги оставив во Македонија да дојдат овде, да избегаат од земјата каде не можат да ги развијат своите потенцијали и сопствен капацитет туку младоста ја поминуваат во систем кој ги учи да бидат сервилни, послушни, слуги на партијата на власт, систем кој што ги учи дека мафијашлукот се исплати, крадците се на слобода, а способните и самосвесните се “рак” рана на општеството.

Така мои сограѓани и соборци, јас влегувам во новата година далеку од загадувањето што го шири груевизмот, но нема да престанам да се залагам и пишувам против тој режим до неговото целосно соборување. Се разбира во Фокус, весникот што е олицетворение на борба, слобода и демократија. Не се чувствувам најкомотно што ситуацијата ја следам од “безбедна” дистанца, но редно е да признам, дека ја искористив можноста што му се пружи на моето семејство да живееме поквалитетен живот во Европа.

Нека 2016-та биде годината на промени, а 1949-та да си замине со соодветна казна за тие што ја донесоа на голема врата.

ДОЛУ ГРУЕВИЗМОТ, ДА ЖИВЕЕ СЛОБОДАТА!

Поврзани новости