Нови спорни моменти во надзорот над „Бехтел и Енка“: Фалат клучни документи за 23 експерти

by Fokus

Шестотини педесет и седум. Толку страници е документацијата што ја објави Јавното претпријатие за државни патишта по договорот со италијанската „ИРД“, која, барем на хартија, го предводи конзорциумот кој за 22,3 милиони евра ќе врши надзор над изградбата на делниците од коридорите 8 и 10-д од „Бехтел и Енка“, пренесува 360 степени. 

Од страницата 128 до страницата 139 во книгата насловена 1.1. се наведени сите имиња на експерти кои ќе ја надгледуваат изградбата на автопатите. Нивното образование и работно искуство се во книгата 1.2.

Анализата на објавената документација не донесе до заклучок дека недостасуваат информации за 23 од вкупно 81 експерт. Поточно, недостасуваат договори на тие експерти со фирмите што го добија тендерот или нивни подизведувачи.
Пример за договор со експерт од друга фирма, со договор за дело

На пример, вака изгледа уредна документација. Експертот за договорни прашања, Гоце Букилица Јордановски, е вработен во подружницата на „Страбаг“ во Скопје. Но, приложен е и договор за дело за негов ангажман со фирма од добитниот конзорциум – „ИРД Инженеринг“ од Рим.

Пример за експерт со актуелно вработување во фирма кој не е дел од тендерот и нема објавен договор за дело

Сосема спротивен е примерот на кандидатот за експерт за варијации, Влатко Михајлов. За него се објавени документи поврзани со образованието, но во графата актуелно вработување пишува – „Ингероп“, Франција. Таа фирма не е дел од победничкиот конзорциум ниту е меѓу наведените подизведувачи, а во документацијата недостасува договор за дело или друг документ што ќе покаже како и кога е ангажиран Михајлов? Како него, без таков доказ, се уште 22 имиња.

На прашањата на „360 степени“ од Јавното претпријатие за државни патишта одговорија дека имаат доказ за вработување или договор за дело за сите експерти, но и дека не можат да ни ги достават.

Лицата се вработени на неопределено во ‘Електра солушнс’ и за нив се доставени М1/М2 обрасци за вработување кои поради заштита на лични податоци не се објавени јавно“, одговорија од јавното претпријатие за државни патишта.

Ако е така, останува нејасно – зошто во договорот, во картичките за сите тие 23 лица, е напишано дека работат во други фирми, а не во „Електра солушнс“?

Поврзани новости