Пред десет дена премиерот Никола Груевски и директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов ги удрија темелите на новата административна зграда на ова акционерско друштво, на просторот на паркот кај новиот објект на Македонската опера и балет. Тогаш беше кажано дека изградбата на објектот ќе чини 8,4 милиони евра, но денеска на сајтот на Бирото за јавни набавки осамна склучениот договор, според кој изградбата ќе чини речиси 10 милиони евра. Најверојатно на свеченоста надлежните заборавиле на сумата да го додадат и надоместокот за ДДВ.
Зградата треба да се изгради за две години, а ќе биде со шест ката, на површина од 6.400 метри квадратни. Во новиот барокен објакт е предвидено да има канцелариски простор за 180 вработени на АДСДП. Дополнително, предвидени се девет деловни простории од 408 метри квадратни наменети за давање под закуп на приватни субјекти.
На денот кога беа удрени темелите, со реакција се јавија од опозициската партија СДСМ.
-За канцеларии на 180 административци воопшто нема потреба да се потрошат над 8 милиони евра, пари на граѓаните. Нови простории за АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор може да се обезбедат со многу помалку пари, преку поскромен објект, современ и енергетски ефикасен, согласно најновите стандарди, истакнуваат од СДСМ.
Новата административна зграда на АДСДП ќе ја гради фирмата „Декон-Ком“ од Скопје, врз основа на изготвеното идејно решение на авторот Жарко Чаушевски.