ЗНМ: САД и ЕУ го осудуваат насилството врз новинарите.

by Фокус

Здружението на новинари на Македонија, соочени со ескалацијата на насилството против новинарите и со неодговорното и непрофесионалното однесување на МВР, пред еден месец испрати писмо до сите релевантни организации каде Македонија е полноправна членка, алармирајќи ги организациите и државите дека насилството против новинарите зазема драматични размери

ЗНМ доби писмо за подрршка од американскиот Стејт департмент и Европската Комисија.

– САД силно го осудуваат било какво насилство или вознемирување на новинарите. Насилството и заплашувањето кон новинарите опишани во писмото на ЗНМ немаат место во едно модерно демократско општество – се вели во писмото на Заменик државен секретар на Стејт департментот, Џон Хефнер.

Тој ги поттикнува македонските новинари кои биле жртви на криминални дејствија и заплашување веднаш да ги известат одговорните власти затоа што за нив така им е полесно да ги следат овие случаеви кога се дел од службените полициски и судски извештаи.

– Службените лица во нашата амбасада во Скопје и Вашингтон ќе продолжат внимателно да го следат статусот на слободата на печатот во Македонија и ќе продолжиме и понатаму да се заложуваме за зајакнување на слободата на медиумите во земјата – додава во писмото Хефнер.

Загриженост за ескалација на насилството против новинари во Македонија ја искажува и Кристијан Даниелсон, генерален директор на Директоратот за проширување на Европската комисија.

Даниелсон во писмото ги повикува властите да ги истражат случаите и да ги изнесат прекршителите пред лицето на правдата.

– Потребно е да се обезбеди сигурна средина на новинарите независно да ја извршуваат својата работа без незаконско мешање и без страв од закани и цензура – порачува Даниелсон во писмото до ЗНМ.

ЗНМ го повикува министеот за внатрешни работи, Митко Чавков, сериозно да се ангажира за расветлување на случаите на насиство против новинари.

Поврзани новости