Нов дводневен штрајк на германската железница

by Fokus

По истекот на ултиматумот испратен до раководството на Германските железници (Дојче Бан, ДБ), Синдикатот на вработените во железницата (ЕВГ) денеска потврди дека се подготвува нов дводневен штрајк во целиот железнички сообраќај, кој ќе трае од недела навечер до вторник на полноќ.

„Бевме подготвени за компромиси, но ДБ претпочита да оди во насока на конфронтација и на тој начин да ги земе своите патници како заложници“, објави синдикатот по истекот на рокот што ЕВГ и го даде на ДБ да излезе со поповолен предлог за вработените.

Претставниците на ДБ рекоа дека „дале се од себе“ да го спречат штрајкот и на синдикатот му понудиле прифатливо решение, кое било одбиено.

ЕВГ свика дводневен штрајк за вработените во ДБ, како и за другите железнички компании кои работат во Германија, па се очекува железничкиот сообраќај, вклучително и приградските возови, целосно да биде суспендиран.

ЕВГ и Германските железници преговараат за колективен договор за околу 180.000 вработени, а преговорите заглавија, како што пренесуваат медиумите, поради детали.

Машиновозачите, кои се организирани во синдикатот ГДЛ, најавија објавување на нивните барања до ДБ за почетокот на јуни.

Железничарите во последните неколку месеци во неколку наврати штрајкуваа, блокирајќи го сообраќајот не само со железница, туку делумно и во патниот сообраќај поради дополнителното оптоварување на патиштата.

Поврзани новости