Австријците не ја сакаат Македонија во ЕУ

by Fokus

Убедливо мнозинство Австријци се против проширувањето на Европската унија, кое, спротивно на вербалното застапување на официјалните лица во Виена, важи и за сите земји од Западен Балкан, покажува истражувањето на Австриското друштво за европска политика (OGfE), пренесува агенцијата Бета.

Поддршката на Австријците за влез на земјите од Западен Балкан во ЕУ се движи од 16 отсто во случајот на Косово до 29 отсто за Босна и Херцеговина, што е и највисока поддршка за членство на една земја од регионот во ЕУ – според објавените резултати од истражувањето.

Мислењето на јавноста во Австрија за влезот на Србија, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија во ЕУ не покажува големи осцилации.

Влезот на Србија во ЕУ го поддржале 24 отсто од анкетираните, 48 отсто се изјасниле против, а 17 отсто рекле дека не им е грижа. 11 отсто од учесниците во анкетата не го знаеле одговорот, или не сакале да го дадат.

Црна Гора, со 23 отсто, има само нешто помала поддршка од Србија, 44 отсто од испитаниците се изјасниле против нејзиниот влез, додека 21 отсто биле рамнодушни кон ова прашање.

Поддршката за членството на Албанија во ЕУ е 22 отсто, против се 51 отсто, додека во случајот со Северна Македонија 21 отсто од граѓаните го поддржуваат, а 47 отсто се против.

Со години, најмал процент Австријци во ЕУ сакаат да ја видат Турција. Во најновото истражување, само 8 отсто од испитаниците се изјаснија за вклучување на таа земја во Унијата, која е кандидат за членство од 1999 година, додека 71 отсто се против.

Со истражувањето биле опфатени 1.000 граѓани на возраст од 16 до 80 години од 11 до 13 април 2023 година.

Поврзани новости