Ниту марихуаната, ниту сончевите колектори на нивите нема да ја израмни кривата за потребата за храна

by Fokus

Македонија стана увозно зависна за храна!? До степен што цела Македонија голта што ќе каже Александар Вучиќ, дали ќе даде жито и дали забраната за извоз важи и за нас. При цела Пелагонија, Полог, Овчеполие…

 Пишува Наум СТОИЛКОВСКИ

Нема да губам редови во колумната за тоа колку страшно изгледаат оние сцени во продавниците кога по рафтовите е празно, а на каса има ограничување за две-три пакетчиња шпагети. И сето ставено во контекст на цените на „основната храна“, што во 21 век е дегутантно и да се прави таква класификација.

Многу потсетува на оние македонски кризни моменти на крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години, кога пропаѓаа „Центро“ и „Славија“, на редовите за леб и ќесичка млеко за варење на бонови, а потоа со други бонови во ред за бензин.

Но, оваа трка по храна, кога државите го стопираат извозот за да имаат за своите граѓани, ме потсети и на еден видеоприлог за, чинам, американскиот Детроит, некаде меѓу 2007и 2009 година, кога „екна“ огромната глобална економска криза. Жителите на определено „Комјунити“, или маало во наша верзија, локалниот парк го претвориле во градина каде што садат храна, зеленчук, која што ќе биде достапна на сите оние западнати во немилост.

Тоа урбано градинарство живее и денеска, има голем замав во Европа, САД, Канада. Што би се рекло, памет за другпат, луѓето по кризата се свртеа кон производство на храна. Анализите покажаа дека т.н. „рецесиски градини“ ги скратија трошоците и одржаа лекција. Во 2009, продажбата на семиња во САД била зголемена за 30 отсто, а бројот на Американците што создале сопствени градини пораснал за цели 20 отсто.

ЗАВИСНИ ОД УВОЗ

„Урбан гарденинг“ сѐ уште живее, и еден дел од паркот во Аеродром има парцела во која тие што сакаат, одгледуваат зеленчук. Но, тоа, сепак, е само „хоби“ и нема да влијае врз намалувањето на потребата за храна како во светот, или како што вели еден текст за „урбаното градинарство“, кон „Израмнување на кривата за потребата за храната“.

Но, што прави државата Македонија, ако светот извади поука од кризните 2007-2009, и бранот 2010-2012 година и создаде момент за сериозен приод кон создавањето и достапноста до храна за потребите на своите граѓани.

Македонија, за жал, веќе половина деценија, сѐ повеќе станува зависна од увоз. Не е прашањето само третманот на земјоделците и игрите со пари. Жито има сѐ помалку, стока – чудо како сѐ уште има домашно месо и млеко. Зар некој видел стада овци или крави по пасиштата, околу селата, барем на пропатување низ државата?

Според државната статистика, во 2020 година има над 60.000 помалку крави (говеда) отколку во 2016 година. Овци, пак, традиционално што се извезуваа за Италија за велигденските празнувања, статистички во период 2014-2020 има над 36.500 помалку.

Уште малку статистика за Македонија. За три години, цели 10.000 хектари се помалку засеани со пченица! Од 2017 година до 2020. Од житните култури посеани во Македонија, пченицата е само 44,4 отсто. Пченка има 20,3 отсто. Јачмен, сточна храна, 28,6 отсто.

Во производство на пченица, основата за брашно и леб на маса, за само три години има 60.402 тони помалку! Би било преголема математика да пребројам колку илјади векни леб помалку се произведуваат за дневните потреби.

ПЛОДНО ЗЕМЈИШТЕ, АМА ЗА МАРИХУАНА

Кон што води „стратегијата“ ако може така да се нарече тоа што го презема власта во овие години, за сега во криза да удира врз сѐ што е вклучено во процесот на производство на храна, а да ја „пере“ вината од себе.

Па така, паѓа производството за храна, а огромни парцели квалитетно земјиште не се употребува. Државата едноставно не го дава на земјоделците. Ресорното Министерство пред еден месец поништи два јавни повици за доделување земјоделско земјиште, иако на двата повика имаше над 1.500 земјоделци-апликанти.

Би оценил, вака субјективно, за срамота. Држава како Македонија, а која стана увозно зависна за храна!? До степен да цела Македонија голта што ќе каже Александар Вучиќ, дали ќе даде жито и дали забраната за извоз важи и за нас. При цела Пелагонија, Полог, Овчеполие…

И срамот да е поголем македонското плодно земјиште завршува под плантажи за марихуана, а сега, најново, плодно земјиште од прва класа завршува кај „инвеститори“ со сончеви колектори за производство на струја. Инвестиција со по еден вработен, а струјата што се произведува завршува на слободен пазар.

И тука уште може да редам, за секоја манифестација на црвени теписи среде нива, се тоа пропратено со пет години лажни ветувања за пласман на производите и среќни земјоделци. Треба да пишувам за односот кон водата, од вештачките капацитети за наводнувања и поење на стоката?

На крајот остануваме со празни колички во маркетите, чекајќи ред со дозволено количество увезена храна.

Ниту марихуаната, ниту сончевите колектори на нивите нема да ја израмни кривата за потреба за храната. А јас, пак, помислувам како ли ќе беше сериозно да се фатеше чекорот за земјоделство и она модерно урбано градинарство…

 

Поврзани новости