Ниту еден телефонски повик, ниту еден денар, само ветување за половна инвалидска количка добив, вели Денис кој со четирите деца живее без вода и струја

by fokus

Ниту еден денар, ниту еден повик од било која институција, општествено одговорна фирма или пак од некој хуман човек. Ништо, како да не постоиме, како моите деца да не се деца, како да не сме луѓе – вака за ,,Фокус” раскажува Денис Василевски од Куманово, чиј апел за помош го објавивме пред околу три недели.

Тој живее со сопругата и со четирите деца, од кои две се со попреченост, во доста лоши услови, без струја и вода веќе три години, а неодамна поради кризата со корона вирусот, останал и без работа.

Живееле со околу 200 евра месечно, помош која ја добивале од државата, 8.000 денари за трето дете и околу 4.400 денари нега за 13-годишниот син кој има церебрална парализа.

-Откако јавно се обратив за помош преку вашиот медиум, очекував дека барем институциите ќе се заинтересираат, дека ќе дојде некој да види како живееме. На свеќи, без вода, без струја, нека дојдат и телевизиски екипи, нека снимаат…
Ниту еден телефонски повик од никого не добив, ниту еден денар на сметка… Барем да се реши проблемот со струјата и водата, да ни се донира некој стар мебел, апарати за домаќинство, ништо немаме.

Во овие три недели, откако се објави нашата приказна, добив само една порака од нашинец кој живее во Германија. Ме праша дали ми треба инвалидска количка за синот, секако дека му одговорив потврдно, имал дома и никој не ја користел, па ми вети дека кога ќе доаѓа во Македонија ќе ни ја донесе.
Не се знае кога ќе биде тоа, дали оваа или наредната година, но јас сум благодарен на секоја понудена помош – појаснува Василевски.

Додека работел во приватна фирма за производство на лепак, некако успевале да излезат на крај и да имаат доволно барем за храна. Откако на почетокот на пандемијата ја изгубил работата, вели дека неговите деца почесто легнуваат гладни, отколку сити.

Неговите деца се на возраст од 5, 9, 10 и 13 години. Покрај најстарото кое има церебрална парализа и на кое му е потребна постојана нега, десет- годишното дете било немо.
Вели дека неговата сопруга со цел да се грижи за децата не одела на работа, но тој би прифатил било каков работен ангажман, само да донесе храна за семејството.

За себе раскажува дека има проблем со видот, а немал пари да си купи наочари за вид.

-Еден ден да останете без струја и вода, верувам дека ќе ви биде тешко, а не како нас, цели три години. Не знам веќе каде да се обратам, губам надеж дека нештата ќе се средат, не знам што да им кажам на децата – раскажува Денис.

За помош на ова кумановско семејство може да се донира на следната сметка: Сабина Василевска 200 002545685937 Стопанска банка, со назнака донација.
Број за контакт: 077 854 865.

Вики Ккинчарова

Поврзани новости