Николина и Борко Ристовски чекаат бебе: Свадба ќе правиме кога ќе бидеме слободни!

by Fokus

Николина и Борко Ристовски, македонскиот репрезентативен голман во ракомет, го чекаат раѓањето на нивното прво дете.

Во разговор за ,,Фокус’’ тие го откриваат полот на бебето, но и детали од нивната љубов, начинот на кој функционираат, како на нив влијаат невистините кои се објавуваат во медиумите, но и планот за свадбената веселба.

,,Јас сум по потекло од Куманово, но во изминатиов период сум на релација Барселона – Белград. Во Барселона, Шпанија, сум поголем дел од времето, во нашиот дом, а патувам во Белград, Србија, поради моите обврски на факултет. Студирам право, и наоѓам баланс помеѓу животот во Барселона и моите студии,, – вели Николина, партнерката на Борко.
Тој го носи дресот на првакот Барселона, и е познат како најдобриот македонски ракометен гоман. Раскажуваат дека заедно биле повеќе од една година, а се запознале преку заеднички пријатели. Уште при првата средба, помеѓу нив се јавиле искри, и од тогаш станале неразделни.

,,Нешто интересно се појави уште кога за прв пат се сретнавме. Веднаш знаевме дека сме еден за друг, ја продолживме комуникацијата, и еве не и денес заедно, во исчекување на најубавото нешто во животот, раѓањето на нашето дете’’ – вели вљубениот пар.

Николина ја дознала веста за бременоста додека биле во Охрид. Му ја соопштила на Борко за време на ручек со нивни заеднички пријатели, па мирниот ручек се претворил во голема забава која траела до доцна во ноќта.

,,И двајцата сме пресреќни! Да се биде родител за нас е едно од најубавите нешта кои можат да му се случат на човек, и со нетрпение го очекуваме раѓањето на нашето бебе, кое сигурно ќе ни ги разубави животите и ќе ги развесели нашите семејства’’ – велат.

Раѓањето на нивното прво дете го очекуваат по четири месеци, а веќе го дознале и полот на бебето.

,,Го дознавме полот на бебето, ќе имаме син. Ова е посакувано и планирано бебе, веќе извесен период сакавме да се оствариме како родители’’ – раскажуваат Ристовски.
Се присетуваат на случката од минатата недела, кога Николина на својот Фејсбук профил ја сподели веста дека чекаат бебе, а некои медиуми пренесоа дека бебето веќе се родило.

,,Ме изненадија пишувањата дека бебето веќе се родило! На шега велам дека уште во петтиот месец од бременоста, некои новинари ме породија. Со Борко во целост ја разбираме потребата и желбата на медиумите да пренесат одредена вест за работи за кои мислат дека ќе им бидат интересни на читателите, меѓутоа, искрено, не затекна веста за мое наводно породување. Генерално, веста не направи никаква штета, само што многу луѓе ни честитаа за неродено бебе. Затоа, апелираме, за секое прашање, одговор, нејаснотија, можат да не контактираат и ќе добијат одговор на било која тема, без оглед дали се работи за приватен живот, или пак за вест поврзана со кариерата на Борко’’ – вели Николина.

И покрај тоа е што е во петтиот месец од бременоста, таа додава дека не брзаат со свадбата.

,,Сакаме и планираме да направиме убава свадба, со сите наши блиски роднини и пријатели. Се надеваме дека во скоро време и тоа ќе се случи. Но поради обврските и честите отсуства на Борко од државата, свадбата ја оставаме за првиот слободен период. Смирени сме и спонтани по тоа прашање, и не се грижиме поради тоа што свадба ќе правиме кога ќе бидеме слободни. Веќе го имам презимето на Борко, по некоја случајност, па нема зошто да брзаме’’ – се шегува Николина, на која роденото презиме и е исто како и на Борко.

На прашањето дали имаат некоја анегдота поврзана со нивната љубов, велат дека секој заеднички миг им е една голема анегдота.

,,Времето ни минува во многу смеење, безрезервна љубов, секој миг поминат заедно ни е голема ангедота, вреден за паметење. Убаво ни е заедно, и среќни сме што се најдовме’’ – велат Ристовски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости