Центар истражува како се менувала сопственоста на Градска куќа, од државата, преку Контоминас до Самсоненко?

by fokus

Новиот градоначалник на општина Центар Саша Богдановиќ, само што седна на градоначалничката фотелја, со усен налог испрати инспекција на три објекти, меѓу кои и на објектот Градска куќа со хотелскиот комплекс, кој се наоѓа на градскиот плоштад.

Од општината засега не откриваат детали, односно не посочуваат кој е нивниот сомнеж поврзан со градбата на овој барокен објект, туку кратко додаваат дека во врска со овој објект е побарана целосната документација.

Неделникот „Фокус“, во последниот број објави сведоштво на поранешна вработена во Катастар, која појасни дека дел од градбите од проектот „Скопје 2014“ нелегално биле запишани во катастарот, а како спорен го наведе и објектот Градска куќа.

Како што појасни нашата соговорничка, за овој објект според одобрението за градба како инвеститори се јавувале шестмина, односно јавни претпријатија, акционерски друштва и Република Македонија. Според Законот за градење, секогаш како сопственици се запишуваат инвеститорите, секој на својот реален дел на поседот. Но, наредбата што ја добиле вработените во Катастарот била да се заобиколи законот и објектот да се запише само на државата, бидејќи потоа само со одлука на Влада, објектот би се дал на други институции, во согласност со потребите.

На соговорничката не ѝ беше позната завршницата за овој случај, па кога проверивме во катастарот, откривме дека имотниот лист за Офицерскиот дом не е ниту на име на државата, ниту на некој од првичните шест инвеститори, туку на приватна фирма.

– Како е можно на местото на стариот Офицерски дом да има запишано објект на приватно правно лице со намена „државна институција и хотел“? Па нели целиот проект „Скопје 2014“ се однесува на објекти од јавен интерес? Со кое решение се менува првичното одобрение за градење од шест државни институции како инвеститори, да биде запишан приватен инвеститор, прашува нашата соговорничка Т.Б., која откако ги одбивала наредбите незаконски да ги впишува објектите, набрзо беше обвинета и осудена за мито, случај за кој што тврди дека била наместена.

Според податоците кои веќе се објавени во медиумите, бизнисменот Димитрис Контоминас во 2011 година на аукција го купи атрактивното државно земјиште (6.300 квадрати) и се обврза таму да го обнови Офицерскиот дом и да изгради хотел во стилот на проектот „Скопје 2014“. За целата парцела тој плати нешто повеќе од 620.000 евра или по 100 евра за квадрат.

Во медиумите се најавуваше дека инвестицијата ќе изнесува меѓу 30 и 50 милиони евра, а Контоминас се обврза без надомест да му отстапи на Градот Скопје дел од Офицерскиот дом за потребите на матичната служба и работни простории за скопскиот градоначалник.

Во 2015 година пак, сопственик на парцелата стана рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, кој всушност, ја презема фирмата „ДЦ прајм пропертис“ од Контоминас.

Засега е нејасно дали општина Центар се интересира токму за начинот на кој овој имот ги менува сопствениците, или пак нивниот сомнеж е во сосема друг контекст.

-Имаме одредени сомнежи, па токму затоа и ја прибираме потребната документација, но мора да почекаме да заврши контролата, пред да соопштиме било каква информација, ни изјави градоначалникот Богдановиќ.

Валентина Вурмо

Поврзани новости