Не треба многу за светол ден

by Fokus 22:15
22:15

Добар ден е кога љубиш, некого или нешто. И кога сонуваш. Сето убаво, големо, од некаков сон произлегло. Општеството се менува од тие што не престануваат да сонуваат. Или, што би се рекло, подобро да запалиш свеќа отколку да ја проколнуваш темнината

Пишува Линдита КАДРИУ

Добар ден е кога се будиш со лесен чекор. Утрото е најенергетскиот дел од денот. И светите списи велат дека нафаката наутро се распределува, па вреди да се застанува на ред.

Во Скопје, денот ми почнува со неколку километри до Чаршија. Пешачењето е физичка и ментална вежба. Уште од античко време се знае дека прошетката ја смирува душата и го буди умот.

Подоцна, мислители како Кант, Кјеркегор, Ајнштајн… практикувале ритуално шетање, како начин за контемплација и сосредоточување. Кант, на пример, само двапати ја пропуштил својата доза на земање воздух по улиците.

ПРИЈАТЕЛИТЕ СЕ ТЕРАПИЈА

Пешачењето, таа медитативна и мислечка практика, значи подобро запознавање на градот и општеството, на менталитетот, доблестите и фалинките. Тешко е да му противречиш на пешакот: тој знае многу зашто гледа непосредно, та самиот станува еден вид медиум.

Добриот ден продолжува со кафе во некое од омилените места, каде што не те прашуваат што ќе пиеш. Ни во време на пандемија не останував без своето кафе во градот, а првото не сакам да го делам ни со најмилите: така се средуваат мислите, се прават полупланови и се фантазира… пишуваш, читаш.

Ги набљудуваш луѓето наоколу, минувачите, како во еден вид театар. Така дознаваш за човекот оти зад зборовите можеме да се потзаскриеме, да ги контролираме, а во невербалната комуникација ние сме ние…

Во добар ден сретнуваш пријатели, или барем еден. Разубавувачи и олеснувачи на животот, тие се терапија. Сведочат за нас бидејќи се наш избор (за разлика од фамилијата за која не сме ниту виновни, ниту заслужни).

Со време увидуваш дека некого може да го познаваш кратко и добро, или долго, а недоволно. И се учиш да ги филтрираш луѓето, да го цениш повеќе времето, тој необновлив ресурс. Ништо не е повеќе изгубено од изгубеното време. На таквите грешки, за да ни биде полесно, им наденуваме име – искуство.

ХОРМОНОТ НА ЗАДОВОЛСТВОТО

Добар ден е кога наидуваш на духовити луѓе зашто изгубен е денот кога ниеднаш не се смееш. Смеењето, како и секоја добра навика, може да се истренира: доволно е да го одбереме друштвото на тие што не се земаат пресериозно себеси, а парадоксално се најсериозни во работата, љубовта итн. Ова го научив од еден поет.

Добар ден е кога помагаш некому, му влеваш надеж во човекот и светот. Научно докажано дека хормонот на задоволството повеќе се излачува кога даваме, душевно или материјално, отколку кога земаме. И Господ повеќе ја сака раката што дава отколку раката што зема.

Добар ден е кога се посветуваш на работата што ја сакаш или кога трагаш да најдеш една таква. Секој ден сретнувам луѓе од различни професии, кои чинам би оделе на работа и без да им се плати.

Добар ден е кога љубиш некого или нешто. И кога сонуваш. Сето убаво, големо, од некаков сон произлегло. Општеството се менува од тие што не престануваат да сонуваат. Или, што би се рекло, подобро да запалиш свеќа отколку да ја проколнуваш темнината.

Значи не треба многу за светол ден.

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости