Не можев да се изборам со тагата и знаев дека тоа мора некаде да удри, кажа Лила за тешкиот период

by Fokus

Кога ја добив дијагнозата, рак на дојка, бев лута на себе, и точно знаев од каде потекна тоа. Поминаа десет години од смртта на мојот татко, тагата уште ми е голема, и јас не можам да се изборам со неа. Знам дека се почна со тагата, и морав да се обидам поинаку да го поднесам тоа што се случи. И знаев дека тоа мора некаде да удри – раскажа популарната водителка Лила Филиповска.

Таа зборуваше на промоцијата на автобиографската книга на српската хуманитарка Ана Дорник, „Ти си таа”, која се одржа во хотелот „Александар Палас“.

И авторката зборуваше за нејзината борба со ракот, со цел да им се помогне на сите кои се соочуваат со истата дијагноза, но и на нивните семејства кои минуваат низ тежок животен период.

Двете жени се отворија за оваа тешка лична тема, во надеж дека само така, со отворени карти ќе се помогне да се подигне свеста за раната превенција, лекувањето, но и да започне да се зборува за сето она со кое се соочуваат оние кои се борат со ракот на дојка.

Филиповска раскажа дека дента ја добила дијагнозата, а веќе истата вечер размислувала за колку време ќе биде излекувана. Во ниту еден момент не потклекнала, и избрала да размислува позитивно.

Плачела кога по операцијата се движела со инфузијата и се прашувала како си го дозволила тоа, плачела и кога докторот и кажал дека ќе и падне косата.

Порача дека косата ќе падне, но пак ќе порасне, и дека во ред е оние кои се соочуваат со болеста да се исплачат. Таа, кажа дека не плачела од инает, дека си кажувала на себе како не и ништо.

Најави дека ќе продолжи на свој начин да им биде поддршка на сите кои се соочуваат со канцерот на дојка, и максимално ќе се вложи да им помага.

Вики Клинчарова

Поврзани новости