Тргнал во продавница и не се вратил, повеќе од два месеци не се знае судбината на архитектот Граоркоски!

by Fokus

Од 23-ти јануари семејството на скопскиот архитект Коста Граоркоски живее во агонија. Семеен човек без здравствени проблеми, интелектуалец, вљубеник во животот, тој 23-ти јануари околу 17 часот кажал дека ќе оди во продавница, и повеќе не се вратил дома.

Неговото семејство во неколку наврати разговараше со „Фокус” во надеж дека приказната ќе допре до целата јавност, дека доколку некој нешто знае, ќе помогне во неговото пронаоѓање.

Раскажуваат дека иако имал 71 година, тој размислувал рационално, бил доста активен, и до последно редовно објавувал колумни и текстови поврзани со архитектурата и неговиот роден Галичник.

Синот на Граоркоски, во телефонски разговор за „Фокус” вели дека по исчезнувањето биле проверени камери на објекти покрај кои поминал татко му. Тврди дека од снимките, со сигурност можат да кажат дека не влегол во Вардар, ниту пак имал причина да посегне по својот живот, бидејќи имал за кого да живее, имал и добар социјален живот, како и дека бил доста одговорен и внимателен.

Токму поради тоа, нивната неизвесност е уште поголема и бараат одговор што му се случило.

– Според она кое го знаеме, тој се движел до една точка, и потоа нагло му прекинува трагата, тоа се сознанијата од кучињата трагачи кои беа ангажирани во потрагата. Тоа би значело само едно, тоа нагло прекинување на трагата, дека најверојатно на тоа место тој влегол во автомобил, затоа повеќе кучињата не можеа да следат никаква трага. Немаме мир, татко ми работеше на нова книга, имаше планови, беше здрав човек кој никогаш вакво нешто не би му сторил на семејството. Времето минува, не сакаме да падне во заборав случајот, замолуваме за било каква информација, доколку некој нешто знае, да се јави во полиција или на мобилниот 078/260 – 617- вели синот.

Во потрагата по архитектот бил ангажиран дресерот на кучиња Ефто Стојановски од клубот „Куче спасител“ од Охрид.

Во претходно интервју за „Фокус“ тој раскажуваше за случаи со исчезнати лица во кои бил ангажиран, и слични настани како со Граоркоски имало во Крушево и во Кочани, кога се претпоставува дека лицето влегло во автомобил и потоа му се губи трагата.

– Во Кичево ме викнаа дури седум дена по исчезнувањето на човекот. Кучето трагач – Дикси, го следеше трагот од домот на човекот, се до локација на околу 800 метри, каде претпоставка е дека лицето се качило во автомобил. Од таму, полицијата треба да си преземе понатамошни мерки.

Исто и во Крушево, ми се јавија за помош, од домот на изчезнатиот Дикси следеше траг до околу 600 метри, од каде верувам дека лицето потоа влегло во автомобил и трагот се губи. И во Крушево ме побараа дури четири дена по исчезнувањето, затоа потенцирам дека кучињата трагачи се најефикасни ако се ангажираат истиот ден, да не се чека да помине многу време, бидејќи се мешаат трагите.

Сакам да ги информирам сите на кои им е потребна помош од куче трагач, дека јас не наплаќам ништо, бесплатно го правам тоа, но потребно ми е да ми се обезбеди превоз – раскажа дресерот.

Судбината на овие исчезнати лица се уште не се знае. За случајот со 64-годишниот маж од Крушево, кој исчезна кон крајот на декември минатата година, беше организирана масовна потрага, како што ретко се случува во земјава. Се ангажираа над стотина армиски припадници, над 50 ловџии, голем број на доброволци, стручни кадри, а два дена беше вклучен и хеликоптерот на МВР, но потрагата не даде резултат.

Вики Клинчарова

Поврзани новости