Не им верувајте на Данајците дури и кога носат дарови

by Фокус

Quidquid id est, timeō Danaōs et dōna ferentīs (Whatever it is, I fear the Danaans, even when bringing gifts.)

Почитувани студенти и граѓани на Македонија.

Ja добивте битката, но не и војната. Токму така.

Токму затоа, верувам дека сте зрели и свесни дека денешното ветување, на бескрупулозната фашистичка власт во Македонија да Ве вклучи во процесот на создавање на нов закон за високо образование, колку да е тоа ветување цврсто, може и да не се оствари. Досегашното искуство нѐ учи дека може многу лесно, скоро преку ноќ таквите ветувања и договори, верификувани дури и од авторитети на ЕУ, многу лесно повртоно да се претоврат во нов потрошен материјал. Имајќи го на ум тоа срамно искуство, се надевам дека ќе се справите со предизвиците.

Верувам исто така дека нема да ја испуштите вашата генерациска шанса да бидете генерација која со својата разборитост, со својата мудрост и бескомпромисност, со одважните дела ќе умее да ја трансформира Македонија во демократска и граѓанска заденца со која сите ке се гордееме. Таква историска шанса се појавува само еднаш во животот.

Во таа ваша борба новиот закон за високо образование е само еден, секако многу битен фрагмент, но сепак само еден фрагмнет од големата слика, кој разулавента власт секојдновено го претвора во постмодренистички пејсаж на уништени и опустошени фрагменти од секојдневен неподнослив живот.

Затоа и верувам дека сте свесни дека е потребен ургентен и сеопшт генерален ремонт на Македонија по сите основи. Не е потребен само нов закон за високо образование, туку многу повеќе. А за тој генерален ремонт потребно е не само заминување на оваа зла власт, туку потребно е и создавње на потполно нова конфигурација на политичката карта на Македонија. Потребно е создавање на потполно нов систем на вредности, и на нов политички и индивидуален морал.  Македонија секојдневно тоне како давеник во жив песок. И ние, а и вие не смеете да дозволите да се грижите и да чистите само во вашиот дел од контаминираниот двор.  Како што и сами знаете се е меѓусебе поврзано и зависи едно од друго. Со старите лажици и вилушки не се јадат нови јадења.

Затоа, не дозволувајте повторно да бидете измамени од оние истите насилници чија што погана рака ја урна демократијата во Македонија на 24 Декември 2012. Не верувајте на ветувањата дадени од осведочени непријатели на демократијата и слободата. Со такви криминалци не се преговара и не се разговра. Од нив, како и од целата влада кои тие ја претставуваат се бара оставка, сега и веднаш. “Бидете реални барајте го невозможното” пишува на една од вашите пароли во аулата на Филозофскиот Факултет. Сторете го тоа.

Не дозволувајте исто така да бидете заведени и маргинализирани од вашите професори конформисти и опортунисти кога на сите ѕвона ѕвонат дека студентите  “не треба да бараат оставки и дека студентите не ја менуваат власта туку политичарите и политичките партии.” Тоа се лажни дилеми почитувани студенти.

Суверенитетот на една демократска држава, а со тоа и легитиметот на на државата и партиите и политичарите во неа, произлегува од граѓаните. Институциите на државата, политичарите и политчките партии им служат на граѓаните, а не обратно.

Ако политичките партии и нивните лидери не се способни да го чујат нездоволство на граѓаните и да го артикулираат нивниот граѓански глас во принудување на оваа брутална власт да си замине, тогаш граѓаните мора да се само-организираат и да си ја земат својата судбина и судбината на својата држава во своите раце. Граѓаните  мора да бараат оставки и да се изборат за своја слобода и демократија. Тоа е нивно граѓанско право.

Затоа не е дозволувајте кон вас да се однесуваат патерналистички. Вие не сте малолетни деца, како што некои од вашите професори политиколози сакаат да ве претстават. Вие сте сериозни и зрели луѓе со став и интегритет. Вие сте академски граѓани. Вие сте тие граѓани кои во текот на овие неколку месеци покажавте и докажавте она што никој не го покажа во овие 25 години во “слободна и демократска“ Македонија. Вие покажавте дека на крилата на вашето знаење и отвореност кон светот, имате демократски капацитет и сила да барате оставки и да ја донесете слободата. Вие сте тие граѓани кои можат и од кои се очекува да ја трансформираат Македонија од етнократатска диктатура во демократска и граѓанска заедница во кој ќе има место за сите.

Затоа не ја испуштајте својата иднина и иднината на Македонија од своите раце и не дозволувајте, можноста да бидете оние вистинските создавачи на слободарската и демократската историја на Македонија, да ви истече како песок низ прсти.

Главата горе. 

Д-р Наум Пановски, режисер и универзитетски професор

24 Февруари 2015. Њу Јорк

Поврзани новости