„Наставник кој посакува нечија смрт не заслужува да воспитува деца“

by fokus

Не стивнуваат реакциите на јавноста откако вчера наставничка Жанета Петровска од училиштето „Св. Кирил и Методиј“ во Битола ја прославуваше победата на ВМРО-ДПМНЕ со надгробен крст со името на лидерот на опозицијата, Зоран Заев. Според професорката Марина Лотеска од средното училиште „Георги Димитров“, ваквата постапка не е само за осуда, туку треба и да се преиспита способноста на таа личност да воспитува деца.

-Дрскоста да си ја заборави улогата и одговорноста на наставник, и да посакува нечија смрт парадирајќи со крст на жив човек не само што е за осуда, туку и за преиспитување на способноста да работи со деца. Улогата на наставникот се темели на неговата личност со етички и морални вредности, затоа што учениците се поистоветуваат во годините низ кои се градат како личности. Голема одговорност за создавање личности со правилни вредности покрај родителот, има и наставникот кој мора да биде пример со својата емпатија и своето однесувње, во спротивно не заслужува место во светот на воспитувачи, вели Лотеска.

Директорката на училиштето „Св. Кирил и Методиј“, Кристина Полизовска, денеска изјави дека ниту го оправдува, ниту го осудува овој чин на наставничката која работи во ова училиште, како и дека нема да следуваат санкции, бидејќи настанот не се случил во училиштето. Санкции за наставничката нема да има ниту од Државниот просветен инспекторат.

На официјалниот сајт на училиштето „Св. Кирил и Методиј“ има брошура која содржи и кодекс за однесување на наставниците, според кој тие треба да бидат етични, објективни, толерантни и да ги почитуваат различности. Сепак, според изјавата на директорката, изгледа дека овие особини наставниците треба да ги негуваат само во училиштето, а не и надвор од него.

Катерина Смилева

Поврзани новости