Над 5.000 вработени во ,,Дрекслмајер” од денес на платен одмор

by Fokus

Најголемиот работодавач во земјава, германската компанија ,,Дрекслмајер” лоцирана во Кавадарци, ги испрати своите работници на колективен платен одмор во траење од две недели.

Веста за ,,Фокус” ја потврди Катерина Бакалова, лице за контакт со медиуми во компанијата. Дознаваме дека ќе се работи единствено на одржувањето на машините, а поради опасноста од корона вирусот, работниците остануваат дома.

Во фабриката работат над 5.000 лица од Кавадарци, Неготино, Прилеп, Велес и околината. Вработените уште пред околу две недели реагираа и бараа да се превземат мерки, бидејќи се исплашени за здравјето. Тврдеа дека само еден позитивен случај во халите на фабриката би значел катастрофа од огромни размери за регионот, но и за целата земја.

Минатата недела во разговор за ,,Фокус” надлежните од ,,Дрекслмајер” смируваа дека нема место за паника, бидејќи ги следеле протоколите на Министерството за здравство. Тврдеа дека работниот процес бил прилагоден да обезбеди доволно растојание помеѓу вработените. Исто така, информираа дека редовно се врши дезинфекција на просториите во фабриката и на автобусите со кои вработените патуваат.

Вики Клинчарова

Поврзани новости