На шест внучиња, што ќе ми се дома кучиња, вели Рамиз Мерко и бара државата да го реши проблемот со бездомните животни

by Fokus

Ниту сум кажал дека ако најдам отров ќе трујам кучиња, ниту пак дека ќе излезам на улица и ќе ги убивам, како што тврдат од здружението Animal Voice. Јас лично го осудувам настанот во Струга, со пукањето по уличните кучиња, и се залагам трајно да се реши овој проблем – за ,,Фокус” вели градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.

Од здружението пак, вчера информираа дека е поднесена пријава против градоначалникот до СВР Струга, откако тој за време на состанок им кажал дека досега ќе ги иструел кучињата, но не можел да најде отров.

-Проблемите со здружението настанаа кога им побаравме извештај за нивната работа, но и за тоа колку средства досега имаат земено од разни фондови, невладини организации и други субјекти. Тоа се информации од јавен карактер, нека кажат од каде се финансираат и што досега направиле, колку кучиња тие стерилизирале. Јас лично сум свесен за проблемот, кој е на ниво на цела држава, но ете се случи пукањето во Струга, па се отворија многу прашања. Ова не е само во нашата општина, во сите градови ги има истите проблеми, никако да се најде трајно решавање со уличните кучиња. Затоа и поднесов барање за измени во законот, да се заложи државата за решавање на овие проблеми на централно ниво. Ние како општина и да ги тргнеме кучињата од улиците, за кратко од други градови ќе ни донесат нови- вели градоначалникот.

Појаснува дека минатата година имале тендер за фирма која ќе биде задолжена за заловување и третман на бездомните кучиња, но никој не се јавил. Оваа година од буџет биле предвидени десет илјади евра за таа намена, бил распишан тендер, а ако тие средства биле недоволни, вели дека не е проблем да се зголеми сумата, само да се тргнат кучињата од улиците.

-Навистина нема кој да се грижи за нив. Една кучка годишно може два пати да добие подмладок, тоа се најмалку десет, ако не и повеќе кучиња плус. Ако има илјада кучиња по улиците, за една година тој број значително расте, кој и како може да се справи со овие проблеми? Покрај тоа, постојано ни доаѓаат граѓани кои биле нападнати од улични кучиња, пари се изнадававме за отштета. Во зависност од повредите, некои добиваат по илјада евра, ама некои дури и по неколку илјади евра отштета. Поради тоа и мене, како на прв човек на градот, секако дека ми е во интерес да се најде трајно решение на проблемот. Но, решавање во цела држава, оти ова не е само овде, секаде во земјава е исто – раскажува Мерко.

Потенцира дека настанот со убивањето кучиња со огнено оружје, за кој веќе од едно лице е одземена пушка и е започната истрага, тој воопшто не го оправдува. За да нема немили случки и во иднина, вели дека државата е таа која треба да изнајде ефективно решение кое ќе се спроведува во сите општини.

-Јас дома не чувам кучиња. Што ќе ми се кучиња, кога имам шест внучиња? Тие кои решиле да ги чуваат, треба тоа да го прават одговорно, а пак државата да поработи на измена на законите од оваа област. Вака, како што досега функционираат работите на темата со улични кучиња, гледаме дека се вртиме во круг, а проблемите се повторуваат –ни изјави струшкиот градоначалник.

Вики Клинчарова

Поврзани новости