НА ПОВИДОК ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА-ПРЕДИЗВИК ЗА ПЕИ!

by Фокус

Во Реканско-Дримколски регион секогаш сме имале, кога еден, кога два пратеника, ама овој пат некој ги измеша коцките за ниеден. Боли тоа, ама не и колку „љубезноста“ од коалициската дружељубивост

Реџо МУСЛИОСКИ

По навика кога се јавувам, велам од жилавата Река, ама овој пат, демографски испустена Река, каде човекот и нејзините природни убавини од секогаш чекореле заедно. Зборот катинар овде веќе не е убав збор, за да биде добар треба секојдневно да се отвара и затвара, ама ако еднаш годишно се отвара тој не се отвара, ‘рѓа го надвасала.

Бројни добронамерни патници секогаш освојувани од реканската питома душа, овој пат ни жива душа да прашаат каде отишол човекот од Река. Придружени од бучавата на нервозните и уморни бранови на Радика, кои силно и со лутина удираат на нејзините два брега, зашто овде има секој ден по некое заминување.

Ако сте поупорни одговорот ќе ви го даде откако претходно ќе ве помилува милозвучниот рекански ветер. Отишол човекот од Река посакал и тој да поживее човечки.

Не дека им замилеа европските рамници, каде и да одите премили се зелените ливади на Река и бистрите извори на Стогово, Крчин и снежната кралица Бистра. Но, за волја на вистината, мојот одговор е како да беа уморни од карпи гледање и надежни времиња чекање.

ЛАЖНА НАДЕЖ

Корона вирусот како да ми ја потисна желбата да и се навраќам на  нашава тема, зошто живееме денови кога на ударните вести прво се бројат починати и новозаразени. Велат животот продолжува, но, за жал, не и за тие што ги однесе короната.

Бидејќи ветив дека од време на време ќе додевам со мојава тема и не дека ми е многу омилена, зошто ми буди морничави пориви и го убива мирот во мене, ме прогонова и во сонот со епизоди на лажна надеж дека со ПЕИ ќе нѐ биде.

Кога ќе се пробудам си велам, како ќе нѐ биде ако сме опколени со екстремни етнички огнови, кои вербата во себе кај овие луѓе одамна ја пеплосаа. Затоа не ретко посакувам мојава тема да ми заличи на фудбалска топка за да  можам да ја шутнам што подалеку од мене, ама ете не можам.

Искуството како цена на направените грешки во животот, ако ги прифатите тогаш сте созреале и  може да се пронајдете во формулата, научи, примени и пренеси. Незнам дали со овој мој суров продор во минатото по оваа тема ќе ги предочам аргументите за иднината. Ама знам, ако се поседува капацитет за искуство, тогаш и горките искуства ви го покажуваат патот до целта.

На патот наречен живот, во последно време, како да ми шепоти надежта, дека на „торбешкиот“ манифест во државава му треба нов ракопис, во духот на еврејскиот крик во Америка после Втората светска војна, со нивниот очајнички повик кон Американците, невраќајте нѐ таму каде што не можевме да бидеме Евреи( пошироко го опишав во претходната колумна).

ЕРОЗИЈА НА ИНТЕЛЕКТУАЛНИОТ МОРАЛ

Јас овој пат се јавив со цел и намера,искрено, ама не и со почит, да им се обратам на моите истородници интелектуалци кои јаваат на паролата, зарем ПЕИ уште постои и како да се намерачени и натаму да ја одржуваат во кондиција, изговарајќи ја со предзнак на подбив, да не речам мајтап.

За малаксаноста и политичката кондиција на ПЕИ, се обидов да го изнесам моето мислење, во колумната „зашто ПЕИ не пропеа“. Меѓу другото, јасно напишав дека ПЕИ е единствената наша политичка алтернатива, за да не бидеме повеќе измеќари, туку партнери во политиката.

Арно ама, нашето изгубено чувство за интегравност, го направи своето, заради што и натаму останавме, народ етно-политички многу поделен и по светот разселен. Секое море има своја бура, нашата бура се дел на интелектуалци од нашите редови, кои како да не го разбраа историскиот миг да го испуштат гласот на совеста за збогување со политичкиот хаос на нашиот етникум.

За утеха речено, ерозијата на интелектуалниот морал не е само наша трагедија. Што да речам за некои наши млади некалемени фиданки, кои се загубили меѓу матријалниот предизвик и моралниот пад. Кој ли ѓавол им го линчува разумот, заради личен го жртвуваа колективниот интерес на својот народ.

Во својство на камелеони и денес ги слушате нивните фалби за партиите во кои членуваат, грмат ли грмат со наметлива гордост, како бедна замена за нивната наводна принципиелност, за што Ајзенхауер во свое време рекол: „луѓето кои ги вреднуваат привилегиите повеќе од принципите, потоа брзо доаѓа времето кога ги губите двете“.

ПОЛТРОНСТВОТО И КЛИЕНТЕЛИЗМОТ

Што да речам, пак, за бројни мои истородници, извежбани мајстори за фарбање на својата партиска лимарија, при услови на постоење на ПЕИ ги задржаа партиските бои на СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ. Како не ја препознаа зелената боја во амблемот на ПЕИ, во која јас го видов отворениот семафор за наш сериозен и делотворен влез во политиката, ама како да се излажав.

Полтронството и клиентелизмот се избор, а не принуда на еден посебен вид сончогледи, скарани со честноста и верноста, надарени со итрина, извршија одстрел на етно-политичкото будење на овој народ, кој никако да се ослободи од рамнодушноста, да му  биде сеедно, заспан или буден да не одбива на понизност да биде принуден.

Болка што мнозина мои истородници ја носат во душата, од срам ја кријат длабоко во себе,  а нели скриена болка лек нема и еве причина за мене јавно по втор пат да прашам, кој е тој наш судбински прогон, сѐ да сакаме само себеси не!? За што мудрата Реканка ќе рече, ПЕИ нашиот „торбешки“ политички аквариум ќе ни беше од личен поличен ако водата не му беше матна, да имаше разновидни риби и да немаше пирани внатре.

Нетепајте го слабиот, ќе го направите јак, вели една мудрост со кое го започнав и моето излагање на оснивачкото собрание на ПЕИ, во својство на претседавач. Денес со жалење констатирам, дека ние не сме биле тепани, туку претепани заради што неможеме сеуште да се соземеме, продолживме да функционираме според звукот на историската трагедија по нас.

ПЕИ НЕ БЕШЕ НА МЕНИТО

Некои мои пријатели ми велат, биле разочарани од лидерството на  ПЕИ, затоа ги нема таму. И јас сум разочаран, ама лидерите кои не ги бива треба да се менуваат, идеите и стремежите со визија на еден народ мора да опстојуваат, идеја без дејствување е сонуваѐње, дејствување без идеја уште полошо.

Добрите лидери треба да наоѓаат добри решениа, а не добри оправдувања. Се носам со надеж и уверување, дека мноштво припадници на овој народ ќе го препознаат времето и ќе се вратат во ПЕИ. Ајде да ја воскреснеме и објавиме, дека научивме да нѐ поднесуваме порази под туѓо водство. ПЕИ нека ни биде нашиот политички бедем, кој ќе нѐ брани и одбрани за уште повеќе да не загубиме.

Секој крај нуди нов почеток. Нашиот, овој пат, белким ќе ја испрати во неврат, излитената од употреба матрица, со нејзината претпознатлива насловна реченица, со децении рецитирана, од одговорните политичари во државава. Ние имаме разбирање за вашите проблеми, АМА и толку. Нели само ПЕИ не беше на менито, на големата коалициона маса.

Не прашуваме зошто, го знаеме извежбаниот изговорот како одговор,извлечен од арсеналот на политичката демагогија, кога сте моќен не ви е битно колку сте неправеден. Човекот кога е во право многу е силен, ама кутриот „торбеш“ и тогаш е разумно флексибилен. Кога си неизмерно лојален и претерано скромен, другите околу вас не ве есапат ни за живи, жално ама вистинито .

ЗАЕВ, ТИ СИ НА ПОТЕГ

Голем е бројот на мои истомисленици кои горат од желба, ПЕИ да пропее. Арно ама, на паднат човек на улица, а лошо облечен никој не му приоѓа, ајде да си ја дуздисаме ПЕИ со ново руво, променета политичка комуникација и обновена кондиција, да создаваме нови пријатели и симпатизери, да си ја формираме како народ својата цена на политичкиот пазар во државата ни. Тоа мора неминовно сами да го направиме.

Во Реканско-Дримколски регион секогаш сме имале, кога еден, кога два пратеника, ама овој пат некој ги измеша коцките за ниеден. Боли тоа, ама не и колку „љубезноста“ од коалициската дружељубивост.

На повидок е една изборна единица, нашата со ПЕИ голема шанса, да им се одмаздиме на сите коцкари, намерачени од политичката сцена, како народ да нѐ снема. За таа наша висока цел, неопходно е политички конечно да се пробудиме и како народ да се обединиме, иако не еднаш сум рекол кога на етничка основа партии се прават морници ме лазат.

И да завршам, едно министерско место макар и без ресор, би бил ветар во грб за ПЕИ, ама тамам помислив и нив ги снема, баксуз работа. Во прилог на тоа ќе го повторам и ова, на г-динот Бранко Црвенковски на еден од конгресите му ги упатив следниве зборови: „време е да се издигнеш над впечатокот што сакаш да го оставаш за овие луѓе, да го обезбедиш брутот првенец со децении очекуван, да ја обесиме нашата тешка „торбешка“ торба во некои од владините кабинети “, не ме ни зауши, негова работа.

Г-дине Зоран Заев ти си на потег, нели сме во коалиција, како докажан лидер со визија и храброст за почит, ги разреши судбинските прашања на следните генерации, кои сите твои предходници ги прескокнуваа, а нашето прашање не го ни есапеа. Ајде стави уште едно зрно бисер во албумот на поновата македонска историја, тебе тоа и ти прилега.

 

Поврзани новости