Од Министерството за земјоделство ги демантираат обвинувањата на Љупчо Николовски, член на Извршниот одбор на СДСМ, кој обвини дека власта не само што делела и исплаќала субвенции на сомнителен начин, туку и огромни суми пари преку програмата за рурален развој на сомнителен начин завршувале кај фирми и лица за чистење канали.
-Иако од Платежната агенција одговорија дека „главните забелешки се корегирани за што сведочи и изјавата на Главниот државен ревизор; дека во ниеден дел од извештајот не е наведено дека средствата се исплатени неправилно, незаконски и не е наведена сума на злоупотребени средства; како и тоа дека Агенцијата работи согласно важечките законски и подзаконски прописи и акти, што е потврдено од страна на сите досегашни ревизии извршени од Европската комисија, надворешните независни ревизии, како и од страна на државниот ревизор“, Николовски вчера повторно со желба да се слика и појавува во јавност, зборуваше за наводно сомнително исплатени 3 милиони евра преку Програмата за рурален развој, се наведува во соопштението на министерството.
Оттаму се правдаат дека и делењето на тендерите било во согласност со законите.
-Притоа, исто како пред 6 месеци, ја спомена фирмата „Силекс Неметали“ и тендерот за чистење на канали за одводнување и наводнување од 2014 година. Ова е уште еден доказ за немањето креативна идеја кај Николовски и неговата желба постојано, макар и со повторување на неосновани обвинувања, да го има по медиумите, велат од министерството.
Оттаму потсетуваат дека на тендерот за 2014 година се јавиле 18 економски оператори, на јавната електронска аукција учествувале 15, а четири од нив дале најповолни услови, односно најниски цени и со нив ги склучиле договорите.
-Секое водостопанско претпријатие определува надзор кој на терен ја следи и ја потврдува извршената работа. Сите извештаи за времени ситуации покрај надзорот ги потпишува и изведувачот на работите, директорот на водостопанското претпријатие и директорот на Управата за водостопанство при МЗШВ. Уште еднаш ќе потсетиме дека, покрај законската постапка која е спроведена во целост, министерот Михаил Цветков пред исплатата на средствата дополнително формираше Комисија за проверка на изведени работи поврзани со чистењето на каналите за одводнување и наводнување во чии состав покрај членовите од МЗШВ има и членови од други надлежни државни институции. Дополнително формираната комисија беше на терен, состави писмен извештај поткрепен со фото документација со што се потврдува дека сите економски оператори ги извршиле активностите согласно условите во договорите“, реагира МЗШВ.