МВР: Дошла да гласа иако била позитивна на ковид

by fokus

Во текот на досегашното гласање, Министерството за внатрешни работи нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир, но, како што информираат од таму, регистрирани се неколку инциденти.

Имено, во СВР Скопје било пријавено дека на гласачко место 2600 граѓанин ги фрлил гласачките ливчиња затоа што не му била дозволена помош од друго лице при гласањето.

Исто така, во СВР Скопје било пријавено дека околу 09.35 часот во близина на влезот на гласачко место 2842 и 2842/1 на ул.„Борка Талески“ во Скопје било забележано дека на девет возила од надворешна страна на стаклата била залепена бројка на кандидат за градоначалник за град Скопје.

Нешто порано, односно во 07.28 часот, во СВР Штип било пријавено дека било прекинато гласањето на гласачко место број 852 во кино Култура во Кочани поради истакнат плакат во близина на гласачкото место.

Понатаму, во Полициската станица Кратово, претседателот на Општинска изборна комисија од Кратово пријавил дека од претседател на избирачко место бр.0931 во Кратово бил информиран дека имало агитирање на избирачкото место.

Во Полициската станица Кавадарци, пак, било пријавeно дека на гласачко место бр.0720 во Росоман, А.А.(61) од Росоман го остварила правото на глас, иако знаела дека е позитивна на коронавирусот.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, апелира до граѓаните и до учесниците во изборите да се воздржат од инциденти.

-Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата или на бројот 192 или да пријават во најблиската полициска станица – повика Ангеловски.

Поврзани новости