Мукаетов: Во првиот квартал од 2023 година 72 отсто од производството на Алкалоид беше за извоз

by fokus

Речиси 25 години Живко Мукаетов ја гради својата кариера во „Алкалоид“, работејќи на повеќе позиции, а на чело на компанијата е речиси 20 години. За работењето на „Алкалоид“, но и за ставовите поврзани со економската состојба на земјава и регионот, за регионалните иницијативи и за многу други теми, тој зборуваше во интервјуто за порталот InStore.

-Силно ги поддржувам регионалните иницијативи за соработка, како „Коморскиот инвестициски форум WB6CIF“, „Отворен Балкан“ и слични, чија цел е олеснување и унапредување на трговската размена, мобилност на работната сила, брз проток на услуги и разни синергии кои се насочени кон подобрување на конкурентноста на регионот. За „Алкалоид“, регионот е стартна точка од каде што се гради глобалната стратегија. Имаме производствен погон во Белград, хемиска лабораторија во Љубљана и тим за корпоративни правни работи во Загреб. Креиравме регионална фузија која му оди во прилог на деловниот развој, и која ја создадовме сами. Изнајдовме и форми за соработка со нашите конкуренти во Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина, вели Мукаетов за тоа дали „Отворен Балкан“ ќе ги придвижи работите во бизнисот.

Генералниот директор на Алкалоид сподели дека во првиот квартал од 2023 година 72% од нивните пласмани биле наменети за извоз.

-Србија е нашиот најголем извозен пазар, а процентуално, земјите од Југоисточна Европа учествуваат со 29% во извозот, 20% се наменети за Источна Европа, 22% се пласмани на западноевропските пазари. Според категоријата на производи, предничат фармацевтските со 90%, а 10% се од сегментот хемија, козметика и билкарство, објаснува Мукаетов.

Тој додава дека неодамнешната инвестиција во погонот за производство на влажните марамчиња, вредна околу 4 милиони евра, вклучува комплетно автоматизирана и роботизирана опрема, дизајнирана и конструирана според најновите нормативи за добра производствена практика и европската регулатива за козметика.

-Особено ни е драго што по 15 години производство надвор од Македонија, денес комплетниот процес го спроведуваме во погоните на нашиот локалитет во Ѓорче Петров. Во овој погон се произведуваат влажни марамчиња и за други приватни трговски марки на етаблирани синџири маркети. До крајот на годинава очекуваме да го завршиме нашиот мегапроект „Таблетно 2“, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност на производството на цврсти фармацевтски форми. На курсот на континуирано инвестирање сме решени да останеме и во иднина, работејќи на глобализација на брендот „Алкалоид“, достоинствено и посветено, вели Мукаетов.

Поврзани новости