МОН за случајот со приведената наставничка: При сомнение за нарушено ментално здравје наставникот се упатува на вонреден лекарски преглед!

by Fokus

Случајот со наставничка од основно училиште во Неготино на возраст од 48 години, која завчера била приведена во полиција, а веднаш потоа однесена на лекување во ЈЗУ Психијатриска болница Негорци, предизвика голем јавен интерес и полемики дали се испочитувани законските процедури.

Најчестите реакции се дали во случај со нарушено ментално здравје треба да интервенира полицијата, во време кога наставничката не била на работно место, туку во својот дом, и дали е оправдано нечие здравствено нарушување да биде изложено на очиглед на јавноста, односно зошто на дискретен начин не се нашло соодветно решение, во согласност со законските регулативи.

Имено, настанот се најде во билтенот на МВР, каде причина за лишувањето на наставничката беше пријава за психичко малтретирање на учениците.

Како што појасни во телефонски разговор за ,,Фокус” директорката на основното училиште, Елена Стојанова, таа го пријавила однесувањето на наставничката во полиција на 08.11.2023 година, откако добила повеќе реакции од ученици и родители дека наставничката се однесувала недолично, и нејзиното однесување предизвикало вознемиреност и страв кај учениците.

,,Фокус” разговараше и со сопругот на наставничката, кој исто така е вработен како наставник во основно училиште во градот, и кој откри дека неговата сопруга поради проблеми и притисоци на работното место на почетокот на годинава завршила на болничко лекување, а последните неколку дена имала депресивно однесување и често плачела. Беше револтиран што наместо да биде повикан и да се разговара со него, па потоа да се бара соодветна лекарска помош, без негово знаење сопругата била пријавена во полиција, приведена од домот по завршување на работното време, а потоа со полициски службеници донесена дома да земе основни работи и однесена во психијатриската болница.

Раскажа дека граѓаните на улица го гледале како воен злосторник, бидејќи се прошириле разни шпекулации, а зад целиот случај стоело нарушеното здравје на неговата сопруга, кое на крај резултирало со депресивно однесување и на работното место. Како што изјави, таа работела како наставничка речиси 20 години.

Кога станува збор за ваков или сличен случај, односно за основано сомнение дека наставник има нарушено ментално здравје, од Министерството за образование и наука за ,,Фокус” ја појаснуваат постапката, односно истакнуваат дека директорот на училиштето задолжително мора да го упати наставникот на вонреден комисиски лекарски преглед.

-Согласно член 19 став 18, 19 и 20 од Законот за наставниците и стручните соработници („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019) доколку постои основано сомневање дека на наставникот му е нарушено менталното здравје, односно заради болести или други околности кои можат како било да го оневозможат или суштествено да го ограничат при извршувањето на обврските, или можат да го загрозат здравјето или животот на другите вработени и учениците при извршување на неговите обврски, директорот задолжително го упатува наставникот на вонреден комисиски лекарски преглед за преиспитување на способноста за реализација на работните обврски во надлежна здравствена установа.

Наставникот кој е упатен на вонреден комисиски лекарски преглед, нема право да го одбие упатувањето на вонреден комисиски лекарски преглед. Доколку наставникот го одбие упатувањето на вонреден комисиски лекарски преглед, му престанува работниот однос по сила на овој закон- истакануваат од МОН.

Доколку пак наставник стори било каков облик на насилство врз ученик, директорот веднаш треба да го пријави случајот кај надлежните институции.

-Согласно член 113 став 1 алинеја 8 од Законот за основното образование, директорот е надлежен за пријавување на кој било облик на насилство, злоупотреба и занемарување сторено врз ученик, до надлежните институции- појаснуваат од министерството.

Од таму, упатуваат и на Упатството за постапката за пријавување и заштита на ученик жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување и прилозите кон него, во смисла на задолжителноста за приjaвување на насилството.

,,Фокус” разговараше и со родители на ученици, кои раскажаа дека изминатите денови учениците се пожалиле дека наставничката им зборува нерационални работи, кои кај нив предизвикале страв. Дел од нив тврдат дека минатата година таа сакала да конкурира и за директорското место во училиштето, но наишла на одредени препреки и се разочарала, по што и се појавиле здравствени проблеми.

Нејзиниот сопруг пак, изјави дека била посветен работник и имала добиено признанија за својата работа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости