МНР: Досега во земјава се вратени 1.842 македонски граѓани

by Fokus

Со авионски превоз и преку хуманитарни конвои досега во земјава се вратени 1.842 македонски државјани кои беа заглавени во странство поради пандемијата со коронавирусот, информираше Министерството за надворешни работи (МНР).

Најголем дел од нив – 1.097 се вратени од пет европски земји: Малта Хрватска, Словенија, Германија и Австрија. Нивното враќање во земјава било со седум авионски летови од градовите: Валета, Загреб, Љубљана, Минхен, Берлин, Бон и Виена.

Со хуманитарни конвои односно со автобуси и автомобили од Црна Гора, Словенија и Истанбул се вратени 150 граѓани.

„На 446 наши државјани им беше пружена помош од МНР преку насочување или обезбедување дозволи за нивно враќање дома преку аеродромите во Софија, Солун, Истанбул и Тирана. Со регулирана постапка пак во комуникација со српските органи, самостојни дозволи во посредство на МНР беа издадени на 145 македонски граѓани за да ги преминат српските граници како би се вратиле во земјата“, – информираа од министерството.

 

Поврзани новости