Нова жртва на корона вирусот, почина 79-годишен пациент од Дебар

by Fokus

Министерството за здравство информира дека утрово на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина еден пациент на 79 години од Дебар. Пациентот е дијагностициран позитивен на Ковид-19 на 23 март, а со влошена здравствена состојба хоспитализиран на клиниката во Скопје на 25 март.

Во изминатите 24 часа се регистрирани 26 нови случаи на коронавирус во земјата. Целосен преглед за состојбата по градови ќе испратиме дополнително бидејќи дел од потврдените се со работа во Скопје, но место на живеење во друг град, а анкетите се се уште во тек.

Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 во земјата денеска до 12.00 часот изнесува 285 лица.

Министерството за здравство прави огромни напори навремено, транспарентно и точно да ја известува јавноста и да комуницира со медиумите. Со оглед на зголемениот обем на работа и информации и се поголемиот број на тестирања во повеќе лаборатории кои ги доставуваат своите извештаи до Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство известува дека од утре 31 март, Институтот за јавно здравје ќе ја доставува статистиката на денот за бројот на новозаболени до 15:00 часот за што Министерството за здравство веднаш ќе испрати информација до медиумите.

Во овие моменти е неопходно е да имаме точни, проверени и прецизни податоци и за таа цел го поместуваме времето за известување. Прес конференциите остануваат да се одвиваат на редовна основа за сите дополнителни информации и прашања од страна на медиумите.

Нашата служба за Односи со јавност е максимално посветена да одговори на секое прашање во најкус можен рок и тоа ќе продолжи да го прави и во иднина.

Поврзани новости