ЕУ ослободи итна финансиска помош за борба со Kовид-19: Најмногу пари за Србија, Македонија добива 66 милиони евра

by Fokus

Европската комисија најави итно ослободување на 38 милиони евра помош за земјите од Западен Балкан за борба против коронавирусот и релокација на 374 милиони евра за помош во справување со социо-економските последици.

Македонија и Албанија ќе добијат по четири милиони евра, Босна и Херцеговина седум милиони евра, Црна Гора три милиони, Косово пет, а 15 милиони евра се наменети за Србија, каде што според Европската комисија штетата засега е најголема.

„Ќе им помогнеме на нашите партнери да ги покријат итните потреби на здравствените системи и за промоција на долгорочни мерки за ублажување на социо-економските последици на кризата со коронавирусот и поддршка за малите и средните претпријатија во регионот“, – изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Останатите средства доаѓаат од претпристапниот инструмент познат како ИПА, од каде што ќе се пренасочат 62 милиони евра за Македонија за ублажување на економските последици од кризата, зголемување на социјалната заштита, поддршка за приватниот сектор и зајакнување на јавното здравство. Со ова, вкупната помош за Македонија изнесува 66 милиони евра.

Србија ќе добие 78,4 милиони евра, Албанија 46,7, Босна 73, 5, Црна Гора 50 милиони, а Косово ќе добие 63 милиони евра.

Поврзани новости