Директорот на “Фокус” Младен Чадиковски, докажан перонаковиста, соросоид и што ли уште не, фатен дека поседува суперелитен овоштарник од 615 квадрати сместен на луксузна нива, со поглед на котлина, дознава “Курир”. Истрагата, според медиумот, ќе треба да утврди уште најмалку две работи: дали овоштарникот е купен за 71 денар по квадрат на наместено јавно наддавање и дали овошките се прскани со препаратите за корнишони на Заев.
Ако се покаже дека навистина е купен за 71денар по квадрат, Чадиковски ќе мора да и објасни на јавноста како со новинарска плата купил земјиште вредно 43.665 денари или повеќе од 700 евра. Некои луѓе цел живот работат, и тоа во “Македонски шуми”, па немаат купено ни шума, а не пак овоштарник од 700 евра, но тоа се чесни и работливи луѓе, за разлика од новинарската елита на СДСМ која гледаме дека стигнала да се збогати и уште на млади години да се обезбеди за осум следни поколенија. Да потсетиме, благодарение на поддршката на земјоделството од страна на Владата, Чадиковски само од субвенции ќе може да вади неколку просечни македонски плати месечно, и плус ќе му останат пари секој месец да се почести со по една казна за клевета на Сашо Мијалков.
Вториот интригантен момент е прскањето на овошките. Истрагата отворено се сомнева дека тоа е правено со отровните препарати за корнишони на кланот Заеви. Ако и оваа претпоставка се покаже точна, се поставува прашањето дали Заев ги корумпира новинарите со пестициди, за да го трујат македонскиот народ. Ако истрагата не го потврди таквиот сомнеж, на виделина изглегува едно друго прашање: дали на истрагата може да и се верува?
И на крај, но не и најмалку битно, дали ако Хрватска ни врати неколку илјади тони отровни овошки на Младен, барем еднаш во оваа држава опозицијата ќе понесе одговорност за нарушениот углед на Македонија како извозна сила? Кој тогаш ќе им ги надополни штетите на земјоделците-вмровци кои прскаат со хемикалии на природна база?
На овие прашања, надлежните можеби немаат одговор, но својот одговор ќе си го даде народот на избори.